Прекрасна кампања: Љубовта на кучето е бесплатна, земете го (Видео)

На стрес сме изложени секојдневно – на работа, во сообраќајот, семејството, домот…По напорниот работен ден, обично се релаксирате со тивка музика, омилен пијалок, книга или… домашен миленик! Токму тоа го искористиле луѓето од Dogswell за својата кампања.
Направиле скриена камера на тема „Работата во канцеларија – стрес или не“, и ги замолиле луѓето од една компанија да ги снимат за локалните вести. Целта им била да докажат дека сечиј ден во канцеларија може да биде порадосен, посветол и покреативен. Кога вработените се согласиле, следувало изненадување. Стигнала лажната екипа, а никој не бил подготвен за изненадувањето – многу слатки кучиња.
Десетици прекрасни кучиња трчаат кон вработените, на кои во тој момент им се шири насмевка на лицето и покажуваат задоволство и среќа.
„Кучињата на различна возраст чекаат да бидат нечии домашни миленици и ќе ви го направат денот посветол. А најдобриот дел од сето тоа е што љубовта на кучињата е бесплатна. Погледнете, и знаете што треба да направите – вдомете го својот најдобар пријател“, гласи пораката на оваа кампања.