Почетна Струмица Њуз

Струмица протестира

Денес 16 април 2016 година (сабота) во 18:00 часот пред старата полиција (мал градски парк) ве повикуваме на мирен граѓански собир на кој заедно ќе го искажеме нашето незадоволство од моменталната состојба во која се најде нашата држава.

Огорчени од уништувањето на она малку преостанато од државноста на Македонија, гневни на самоволието со кое Никола Груевски и неговите соработници и полтрони ја уништуваат иднината на генерации македонски граѓанки и граѓани, неможејќи повеќе да седиме и немо да го набљудуваме разнебитувањето на сѐ што е демократско, одбивајќи да правиме компромис и да се пазариме со нелегитимниот режим, бараме манипулацијата и притисокот врз народот да престанат!

Не постојат услови за организирање регуларни, веродостојни и фер избори на 5 јуни, ниту пак постои време до тој рок да се создадат неопходните услови. Избирачкиот список не е пречистен, не запираат заплашувањата, уцените и притисоците врз граѓаните, функционерите не престануваат со злоупотреба на институциите во интерес на партијата, а медиумите се далеку од правично известување.

Наместо повеќе демократија, владеење на право и појасна поделба на власта, сведоци сме на уназадување на овие процеси преку еднострана и неуставна одлука за одложено распуштање на Собранието, скандалозен чин на овозможување помилување за изборни измани од страна на Уставниот суд и контраверзни одлуки на Кривичниот и Апелациониот суд во врска со истрагите на Специјалното јавно обвинителство.

Овие протести се на сите граѓанки и граѓани. Протестите ни припаѓаат на сите нам, обединети во лутината кон тековниот безизлез и во поривот за подобра иднина, која е поставена на демократски темели.