Почетна Струмица Њуз

Струмичките земјоделци го блокираа патот кон Ново Село

Со едночасовна блокада на магистралниот пат Струмица-Ново Село,  стотина земјоделци од струмичко го искажаа својот револт поради ниските откупни цени на пролетната зелка, која се откупува по десет денари за килограм.

Земјоделците побараа најбрз интервентен откуп на зелката по цена од 20 денари за како што велат да можат да ги покријат своите трошоци.

„Бараме до крајот на месец април цената на зелката да не падне под 20 денари. Целокупното производство што беше откупено по 10 денари досега, владата да изнајде начин да го субвенционира, т.е да ја субвенционира разликата на цената од откупната цена до 20 денари“, рече Ристо Велков, претседател на Сојуз на синдикат на земјоделци од Струмица.

Бончо Божиков од село Дабиље вели дека денешната состојба е катастрофална и дека земјоделците работат само за трговците. Доколку не бидат прифатени барањата на струмичките земјоделци, тие се закануваат со интензивирање на блокадите, блокирање на откупните пунктови, како и блокада на сите гранични премини во државата.