Почетна Струмица Њуз

Земјоделците излегоа на протест поради ниската откупна цена на пролетната зелка

Стотина земјоделци од Струмица револтирани од  ниските откупни цени на пролетната зелка излегоа денескана мирен протест.

Велат дека за само пет дена цените паднаа за двојно. Во средината на минатата недела зелката се откупуваше за 20 денари, а денеска за 10 денари за килограм, изјавија земјоделците. Тие побараа итна средба со министерот за земјоделство и тоа најдоцна во текот на утрешниот ден.

„Зелката никогаш немала толку ниска цена на почеток на пролетната берба, а со оглед на ова и другите градинарски култури би биле со многу ниски откупни цени. Ова е нешто што нас градинарите многу не загрижува. Затоа бараме итна средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков“ – рече Ристо Велков, претседател на Сојуз на синдикат на земјоделци.

Земјоделците своето барање го доставија во Подрачната единица на министерството за земјоделство во Струмица.Доколку не се оствари средбата најавија радикални мерки.

„Ако не дојде до побараната средба, ние ќе одржиме итна средба со земјоделците и ќе се договориме за натамошните чекори. Најверојатно ќе одлучиме да преземеме уште порадикални мерки, а не ја исклучуваме и блокадата на патиштата“ – додаде Велков.