Почетна Струмица Њуз

Левица – Струмица: Да не се изгуби духот на карневалот

Локалниот огранок на партијата „Левица“ од Струмица, по завршувањето на карневалските активности во Струмица, излезе денеска со соопштение до јавноста. Еве го интегралниот текст:

Штотуку поминаа карневалите, прочка, тримерите. Традиција која што ја негуваме веќе долго време и ќе продолжиме да ја негуваме. Наше огромно богатство кое што не можеме да дозволиме да исчезне, поточно, не можеме да дозволиме да се изгуби духот на КАРНЕВАЛОТ и неговото вистинско значење.

Најпрвин, Левицата упатува огромна честитка до сите учесници во карневалот, кои што и покрај лошото и дождливо време и ова година го збогатија со прекрасни маски. Честитки до сите карневалски друштва и поединци кои што се залагаат и кои што имаат огромен придонес во карневалот. И секако до народот – верната публика која што дождот и лошото време не ја спречи да ја проследи поворката на маски до крај.

Оваа година може да слушнеме задоволства, но и многу критики од сите луѓе и медиуми присутни на карневалската манифестација кон организаторите и домаќините. Како и некои години претходно со карневалот проследи и дождот. Лошото и ладно време од кое што огромен дел од народот не се заштитени од истото. Нема обезбедено доволно место за барем голем дел од луѓето кои што сакаат да ги проследат сите маски, да бидат заштитени од дождот и лошото време како што се луѓето од ВИП ложата. Исто така мораме да замериме и на високите цени низ кафулињата, продавниците, ресторантите, хотелите, такси превозниците и т.н. Да замериме на слабиот маркетинг на карневалот во земјата и во странство (со исклучок на неколку млади поединци кои неуморно рекламираа од град во град речиси на свој трошок) и секако должината на поворката која што од година за година станува се пократка.

Левицата апелира до организаторите на карневалот за:

– поголем број на трибини со покрив кои што ќе овозможат народот да може во пријатен амбиент да ги проследи сите маски;

– зголемување на должината на патеката по која што се движаат карневалската поворка;

– поголемо залагање на организаторите за рекламација, маркетинг и претставување на карневалот во земјата и странство.

– да се достигне договор со угостителите, хотелите, такси превозниците, кафулињата за пристојни цени со кои што ќе покажат поголемо гостопримство на сите луѓе кои доаѓаат од други места и пред се кон домашните гости.

– промена во организацијата и организациониот одбор со влегување на нови луѓе со цел да се овозможи да се внесат новитети и поголема креативност што ќе овозможи поголема афирмација на културниот и забавниот дел на манифестацијата и поголема посетеност.

Да не дозволиме материјалната добивка од ова манифестација кој што го добиваат само некои поединци да го потисне духот на карневалот и НЕГОВОТО ВИСТИНСКО ЗНАЧЕЊЕ! Да го вратиме вистинскиот дух на ова традиција. Да си ги вратиме гостите назад кои што од година за година ги губиме и имаме се помалку гости. Да бидеме вистински домаќини! – стои во соопштението од „Левица“.