Почетна Вести

Изборите ќе се одржат на 5 јуни

Синоќа пред полноќ, со 83 гласа за и 7 воздржани, пратениците ја поништија одлуката за самораспуштање на Парламентот. Со ова, изборите наместо на 24 април, ќе се одржат на 5 јуни 2016 година.

Со новите измени распуштањето на парламентот ќе се случи на 7 април, односно 60 дена пред одржување на изборите.

Пратениците од СДСМ не гласаа, бидејќи не е постигнат договор за медиумите и нема напредок во прочистувањето на Избирачкиот список.

По носењето на оваа одлука, прес конференција одржаа лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

„Оваа одлука е уште еден пораз на Никола Груевски. После сите лаги и измами, после сите прекршувања на Договорот од Пржино, како одложувањето на решавањето на Изборниот законик и решавање на прашањето со слободните медиуми, тој призна дека нема услови за одржување на фер и демократски избори. Никола Груески се плаши од слободни и фер избори затоа што се плаши дека ќе ги изгуби. Пред само еден час ВМРО ДПМНЕ тврдеше дека нема поместување на датумот од 24 април, а ете и тоа се случи. Ништо повеќе не зависи од Никола Груевски, тој е минато.

За фер избори СДСМ ќе ја презеде одговорноста којашто ќе и ја дадат граѓаните, изјави вечерва лидерот на СДСМ во куса прес конференција за јавноста во партиското седиште“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

„Во овој момент постигнати се сите потребни услови за одржување на фер и демократски избори на 24 април, изјави вечерва лидерот на ВМРО ДПМ. Се согласив на новиот датум само затоа што амбасадорите на ЕУ и САД ме убедија во 4 работи.

Прво, дека ова ќе е единствено пролонгирање, дека до изборите на 5 јуни повеќе нема да има разноразни преговори за изборите бидејќи и тие веруваат дека ДИК има доволно време, дека нема да има никакви нови преговори вклучувајќи го и законот за медиумите и дека нема да има нови проценки“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.