Почетна Вести

Манасков ја однесе Македонија во втората фаза на ЕП (Видео)

Македонија оди понатаму во следната фаза, со голот на Манасков во последната секунда од натпреварот против Србија.  Нашите ракометари го одиграа најслабиот натпревар на ЕП, но поради подобрата гол разлика и нерешениот резултат (27:27), остануваат во игра на шампионатот.

Црвено-жолтите денеска за среќа го имаа расположениот Манасков посебно во вториот дел, кога не им одеше на капитенот Лазаров и голманот Борко Ристовски кој не одбрани буквално ништо во вторите 30 минути. Лазаров го отвори натпреварот со промашен пенал, а Србите благодарение на Станиќ, кој блескаше на голот, имаа контрола над натпреварот. И во овој натпревар повторно имавме почетни технички грешки, но за среќа на полувреме заминавме со нерешен резултат.

Во вториот дел Станиќ имаше уште две одлични интервенции, бранејќи зицери на Ѓорѓиевски и на Прибак, не дозволувајќи ни да влеземе во ритам (15-15 во 37. минута). Во следниот напад српскиот голман одбрани уште два чисти удари на нашите ракометари, по што Никчевиќ казни за водство на противникот од 15-16. Во ситуација „гол за гол“ постојано бркавме предност на противникот, со двата гола на Ѓорѓиевски успеавме да поведе со 21-20, но потоа Србија повторно го сврте резултатот во своја полза со голот на Марсениќ, поведувајќи со 23-24 на седум минути до крајот.

Србија многу често остануваше со играч помалку, но секогаш реализираше. До крајот на натпреварот се играше гол за гол, а за нас беше незапирлив Шешум кој имаше неверојатни (7/7). Во последната минута Србија повторно беше со играч помалку, но направија прекрасна акција и реализираа за гол предност и трилер завршница.

На десет секунди до крајот, кога веќе можеби сите ја гледаа Србија во втората фаза, херојот Манасков реализираше во последната секунда за реми и пласман на Македонија. Манасков беше најефикасен на натпреварот со 10 гола, пред Лазаров и Ѓорѓиевски со по 4 погодоци.