Почетна Вести

Попладне седница на Собранието за оставката на Груевски

Денеска во 17 часот е закажана Седница на Собранието на Република Македонија, на која ќе се констатира оставката на Никола Груевски од премиерската функција.

Седницата е закажана по одлуката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ изборите сепак да се одржат на 24 април, иако еврокомесарот Јоханес Хан најави дека партиите ќе се договараат за нов датум.

Со оваа одлука Договорот  Пржино се става вон сила, а освен тоа се прекршува и законот, според кој избор на техничка влада се врши 100 дена пред изборите, а ако изборите се одржат на 24 април, од денес до тој датум има уште 98 дена.

Премерот Груевски на 14 јануари јавно објави дека ќе ја депонира својата оставка која ќе биде ефективна во зависност од денот на одржување на изборите, а на 15 јануари претседателот на Собранието на Р. Македонија, Трајко Вељановски, преку соопштение ја информираше јавноста дека тој ја примил и дека ќе постапува во согласност со уставните, законските и деловничките права и обврски.

-Имајќи ги предвид преземените обврски на лидерите на најголемите политички партии согласно Договорот од 2 јуни и Протоколот од 15 јули, ќе го следам исходот од денешните разговори со посредство на меѓународната заедница. Искажувам надеж дека лидерите ќе успеат да ги надминат меќусебните предизвици, а во функција на натамошен демократски развој. Верувам дека во периодот што следи, ќе биде направен уште еден исчекор во исполнувањето на обврските од постигнатиот договор, стои во соопштението на Трајко Вељаноски, претседател на Собранието на РМ.