Почетна Вести

Преговорите пропаднаа, СДСМ не оди на евентуални избори на 24 април

Договорите пропаднаа, нема договор, нема да учествуваме на избори на 24 април, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по речисе девет часовната лидерска средба во Вилата во Пржино.

„За нас не се прифатливи избори без навремена регулација на медиумите и и без навремено прочистување на Избирачкиот список. Ако се одржат избори на 24 април, ние на такви избори нема да учествуваме, а ќе продолжиме да се бориме за фер, регуларни и демократски услови за одржување избори. Ќе продолжиме да се бориме за слободна и демократска Македонија“, изјави Заев.

Тој потврди дека наскоро ќе се знаат сите детали. Еврокомесарот Јоханес Хан пак утрово на својот официјален твиитер профил објави дека и покрај финалната одлука на политичките партии тие ќе обезбедат поддршка за фер избори.

„Ве уверувам дека без оглед на конечната одлука донесена од страна на политичките партии, ние ќе обезбедиме целосна поддршка за да се гарантираат демократски фер избори“, напиша Хан.

Груевски повторно ја  насочи вината кон опозицискиот лидер со образложение дека само Заев не сака избори и сака да ја одржи политичката криза бидејќи така ќе добиел политички поени.

„Само еден човек се обидува да ја продолжи кризата во Република Македонија и да ја продлабочи затоа што со неговото однесување не само што не може да се реши, туку може да се продлабочи кризата“, изјави Груевски.

По неколкучасовните преговори и Груевски и Заев најавија опширни изјави за денеска.

Фото насловна: АлсатМ