Почетна Струмица Њуз

Општина Струмица: Зошто надлежните државни органи не ја почитуваат законската регулатива при исплатата на штетите од поплавите?

Денеска се врши исплата на дел од надоместокот за штети од поплавите кои зафатија дел од општина Струмица на 23, 24 и 30 јануари 2015 година.
На денешната прес конференција, секретарот на Општината Кирил Парталов, рече дека надоместокот се однесува само за штетите на движни и недвижни ствари, односно, за штетите на објектите за домување и покуќнината.

-Овој пат, исплатата ќе се врши преку општина Струмица и се однесува на 52 барања, од кои на двајца подносители им е пресметан помал износ од страна на Републичката комисија за проценка на штети, а преку проценка од Бирото за судски вештачења, преку Владата на Република Македонија.
Ја користиме можноста, во името на граѓаните на општина Струмица, да поставиме и неколку прашања до надлежните државни органи поврзани со штетите кои што се случија во овој регион:
Зошто исплатата на надоместокот за штетите и на земјоделските површини не се одвиваше преку општина Струмица, како што налага законската регулатива?
На кој начин и во кој процент од утврдената штета е исплатен надоместокот за штетите на земјоделските површини ?
Зошто со обесштетувањето не се опфатени сопствениците на поплавените земјоделски површини кои што беа подготвени за сеидба, а им беше утврдена штета?
Дали, кога и на кој начин ќе биде исплатен надоместокот за штети за правните лица и за штетите на материјалните добра на граѓаните, како што се сточна храна, залихи од други производи складирани во нивните помошни простории?
Истовремено ги информираме граѓаните дека во наредните денови ќе биде исплатен и надоместокот од штетите настанати од невремето во селото Раборци во далечната 2010 година со надоместок од смешни 15 проценти од проценетата штета. Сакам да потенцирам дека делот на проценката и транспарентноста за текот на целокупниот процес, што беше во надлежност на Општината, општина Струмица го реализираше професионално и во согласност со важечките законски процедури, а сите недоследности и пропусти одат на адреса на надлежните државни органи и Владата на Република Македонија, рече Парталов.

Одговарајќи на новинарско прашање, колкави се износите на штетите на деловните субјекти и на граѓаните, тој додаде:
-Согласно елаборатот кој што беше изготвен од Комисијата за проценка на штети при општина Струмица, а формирана од Советот на општина Струмица, проценката на штетите на деловните субјекти изнесува 34.700. 000 денари која што до денеска не е исплатена, а проценката за штетата на граѓаните е 60.800.000 денари. Како што веќе реков, денеска, ќе се исплати надоместок на 52 граѓани во износ од само три милиони денари, а се однесува на штетите за покуќнината што ја имаа граѓаните.