Почетна Струмица Њуз

Божикна честитка од градоначалникот Зоран Заев

Почитувани сограѓани возљубени во Христа,

Кога ќе се огласат црковните камбани за да ни дадат до знаење дека е време за големо празнување, да ја дочекаме веста за Рождеството Христово со радост и кренати чела. Исус Христос се родил еднаш, но тој многупати се раѓа во нашите срца и души, за да живее за вечни времиња. Токму затоа, време е да ги прочистиме тие наши срца и души, за да знае Богочовекот дека во секој христијанин се крие по една Витлеемска пештера осветлена со сјајна ѕвезда. Така славеле нашите баби и дедовци, така треба да славиме и ние за така да слават и нашите поколенија.
Божик е убава можност, со насмеани лица да си подадеме рака и да докажеме дека сме од ист сој и дека ни е заедничка големината во празнувањето. Христовото раѓање нека донесе живот, здравје, љубов, мир, спокој, хармонија и благосостојба во секое Ваше семејство и силна верба во посветло и поубаво утре. Нека Божјата милост биде сојузник на општина Струмица и Република Македонија.
Благословени и вековити нека Ви се Божикните празници.

Христос се роди.