Почетна Регион

Само на Балканот ништо не се случува, заглавен е во социјализмот

Балканот е единствениот дел од светот во кој времето застана, каде ништо не се случувадури една четвртина од овој век, ниту позитивно, ниту негативно.

Вака вели хрватскиот новинар и писател Денис Куљиш и додава дека ова е најдолгиот период на стагнација во историјата на овие простори.

„Овде ништо не се случува, ние се занимаваме со минорни проблеми, кои на глобалната скала не постојат. Веќе никој не го интересира ништо од она што се случува на Балканот, под услов да нема војни, а за такво нешто нема услови, бидејќи ја нема таа енергија, нема пари… Нема ништо, овде е стагнација“, вели Куљиш за Танјуг, на крајот од годината во која Црна Гора доби повик за НАТО, Србија ги отвори преговарачките поглавја со ЕУ, Македонија се соочи со една од најголемите политички кризи, БиХ остана во позиција која и добронамерните ја нарекуваат нефункционална држава…

Запрашан каде заглавивме, Куљиш кратко одговара:

„Во социјализмот“.

Земјите од поранешна Југославија, објаснува тој, лесно го усвоија парламентарниот формат, но не ја усвоија пазарната економија и капиталистичкиот дух.

Од друга страна, сите земји на источна Европа го извршија тој транзициски скок, направија една преобразба од комунистичката диктатура, која кај нив секогаш беше во тврда форма, додека кај нас социјализмот беше многу помек“, вели Куљиш и објаснува дека затоа тие земји лесно го напуштиле социјализмот, а први, потсетува, тргнаа Полјаците.

„Сега кога ќе го погледнете целиот тој средно-источен комплекс на 16 земји, од Балтикот до Црното море, трназициски ние во источна Европа паднавме на нивото под просекот. Ние сме остаток на некакви социјалистички јавни претпријатија и некои олигархиски комбинации со државата. Најголем дел од економијата е во рацете на државата“, објанува Куљиш.

Според него, граѓаните се акционери во ваквиот систем.

„Граѓаните го избираат тоа, граѓаните се против капитализмот, против приватизацијата и економската еманципација“, наведува Куљиш.

На прашањето како да се излезе од оваа состојба, вели дека во слични ситуации „според католичката и христијанската вероисповед треба да се покаеш и да тргнеш по друг пат“.

„Во секој случај, сите постоечки можности се исцрпени, а кога тоа ќе се случи и кога не можете да излезете низ врата, треба да се обидете да излезете низ прозорецот. Така и во овој случај. Треба да признаеме дека од ова што досега го работевме ништо не чини и дека сега треба да видиме како тоа да го правиме како целиот нормален свет“, вели Куљиш.

Тој смета дека за тој обид би требало да се земе словачкиот модел.

„Дури откако тоа ќе го направиме и кога ќе видиме дека сме на добар пат, тогаш треба да одлучиме како понатаму“, заклучува Куљиш.