Почетна Струмица Њуз

Дедо Мраз и градоначалникот Заев им ја честитаа Новата година на децата со аутизам

Се надевам дека оваа година, еве кога денеска се усвојува и буџетот, ќе можеме да се израдуваме доколку советниците изгласаат дополнително инвестирање во паралелките со аутизам купувајќи ја сензорната соба која што им е потребна на дечињата во нивниот образовен процес, рече Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, кој ги посети паралелките за образование на деца со аутизам при основното општинско училиште „Сандо Масев“.

Ова е традиционална средба која секоја година се одржува пред новогодишните празници, а на која градоначалникот Заев покрај континуираната помош, лично им ја честита Новата година посакувјќи им на децата се најубаво во истата.

„Исто така се надевам дека со идни поддршки кои се вклопени во развојните планови на општина Струмица, ќе бидеме партнери во развојот на овој центар за аутизам заради тоа што неговото модернизирање ќе значи квалитетен живот за децата со аутизам и секако квалитетно нивно образование. Истовремено, еве, денеска традиционално 10 години по ред ја користиме приликата пред Нова година заедно со Дедо Мраз на дечињата со аутизам да им бидат поделени пакетчиња, уште еднаш да поразговараме за сите овие потреби и секако да си ја честитаме Новата 2016 година“, рече градоначалникот Заев.

Од името на учениците и наставниците за поддршката се заблагодари Спасе Додевски, дефектолог во училиштето.

„И оваа година градоначалникот Зоран Заев ги удостои дечињата со аутизам и нас вработените, тргнувајќи од принципот дека ништо на светот не е поважно од детската насмевка и овој пат им подаривме малку љубов, емоции и разменивме заедно мислења и планови за идниот период. Се надеваме дека помошта и великодушноста од Градоначалниокот ќе продолжи со што овие паралелки за аутизам ќе ги развиваме на повисоко ниво“, рече Додевски.

Дечињата имаа прилика да се радуваат заедно и со Дедо Мраз кој исто така пристигна денеска кај нив.