Почетна УраКултура

Никола Маџиров: Будењето е радост, просторот е само рамка на будноста

Да ја читаш поезијата на Никола Маџиров е како да шеташ по светот со клуч кој одговара на секоја брава. Го отворивме прозорецот на Струмица…Го начекавме неговиот куфер кој чека да му рече добредојде на идниот рецепционер од хотелот таму-некаде. Со чај од мајчина душица ,се вративме на моментите кога беревме камилица во основно училиште и ја отвориме вратата од собата на Маџиров.

24Струмица: Што друго мора да има во собата, полна со книги расфрлани по подот каква што јас ја паметам пред дваесетина години?

Никола Маџиров: Патека меѓу книгите која води кон детството.

Денес си во родниот град, но утре кога ќе излезеш од граничните премини независно од која страна (исток, запад, север, југ), кој мирис ти недостасува?

Мирисот од пекарници кои не знаеме дека постојат; од варосани ѕидови што ја кријат влагата; од сутлијач што се лади зад црепот на первазот; од расцутени бадеми на кои и сенката им мириса; од пресечена лубеница додека ги броиме семките; од дојранските алги кога не нè допираат…

А кога ќе се појавиш од таму-некаде повторно во Струмица, каков мирис ти е потребен?

Во авионите и возовите се мешаат сите мириси на блискоста. Туѓите мириси кои ги внесуваме дома како чички закачени за палтото, со себе ги носат само далечините.

Која е дневната активност што ја практикуваш кога си овде – домот во Струмица?

Домот е место за неканонизирани ритуали – состојби или настани кои ги обновуваш, додека мислиш дека ги повторуваш.

За струмичани подготвивме анкета – Што нашите сограѓани најмногу милуваат во текот на денот? Им понудивме неколку одговори: Пиење кафе, турски серии, играње спортска, политички муабети, ништо. Што е најблиску ако се вратиш низ годините назад па сè до денес?

Сите испиени кафиња, турски или шпански серии и политичките муабети се фрагмент од една генерациска означеност. Секоја генерација има своја телевизиска серија и деца со сериски имиња, свои херои од вицовите и стадионите.

Денес плаши реверзибилноста на овој процес и тенденцијата на наметнување идентитети – враќање на патријархалната вообичаеност преку сериите или верувањето дека трпиме сè преку наметнатиот Трпе.

 Во суштина ваквите заеднички референци се одговор на архетипската страв од осаменост или напуштеност. Напуштањето на домот е уште пострашно ако некој останува и по тебе да живее таму.

Додека го читаш светот, кој град те потсетува на Струмица?

На ист начин како што умот сака да препознае лица по непознатите улици, така сака да препознае улици по непознатите градови. Идеологиите кои ги напаѓаме честопати ни ги нудат истите згради во оддалечените градови, и нивната грдост дава чувство на миговна сигурност поради препознатливоста. Градовите ги менуваат своите имиња преку освојувачите и ако некој град го наречам со име на мојот роден град, ќе му ја одземам тајновитоста.

Кога ќе го отпакуваш куферот, што не сакаш, а што ти изнудува топлина и скриена насмевка?

Секогаш има предмети кои се чувствуваат многу посигурно во куферот отколку на закачалки зад вратата. Килограмските ограничувања на аеродромите се одличен мотив да ја пронајдете хиерархијата на важност на предметите кои секогаш ве следат на патувањата. Што ќе исфрлите ако го надминувате тежинскиот лимит – нешто постаро кое сè уште не станало антиквитет или нешто добиено од некого со кој само разделбата ќе ве спојува?

Паѓа ли листот на ист начин како што го гледаше додека беше дете?

И во детството и денес би ги испружил дланките за да го фатам листот – тогаш за да го спасам од падот врз асфалтните патеки, а денес за да ги споредам неговите линии на животот со моите.

Што размислуваш кога ќе прошеташ низ Струмица со отворен прозорец?

Зошто толку многу завеси на прозорците, а се згрозуваме кога ќе видеме покриено лице?

Ако наместо Струмица напишеме Македонија?

Навикнат сум да ги слушам заедно кога сум надвор од јазичните граници. Најчесто погрешно ги изговараат, но со тоа само ми ги умножуваат градовите и земјите на раѓање.

Гласна ли е тишината во Струмица?

Во гласните околини на Балканот тишината е непријатност и натпревар кој прв ќе ја прекине. Кај нас дури и тагата не е тивка.

Поради што најмногу сакаш да се вратиш дома кога си таму-некаде?

Враќањето е побавно од мислата за заминување. Човек може да замине неколку пати, но да се врати само еднаш.

Сите бегалци го носеле клучот со себе како регенерирачка клетка на напуштениот дом. Понекогаш самата свест за враќањето може да биде доволна причина да се поднесе напуштањето, исто како што мегаломанските куќи на нашите гастарбајтери со години го најавуваат нивното враќање.

За каде ќе го спакуваш куферот?

Куферот е половина спакуван уште при враќањето. Поради честите патувања половина од предметите ги удвоив – уште една четка за заби за патување, подготвени пижами, книги за читање, џинс што не се брчка… Ги удвојува патникот и своите сеќавања, и домови, и прагови што ја пресекуваат неговата сенка.

Каде милуваш да се разбудиш утре?

Будењето е радост. Просторот е само рамка на будноста.

До следното видување, што ќе раскажува една старица за нас секое утро во чекалната?

Болниот раскажува за деновите на неговото здравје – здравиот кажува за болните постапки на здравите. Стариците раскажуваат подолго од реалното времетраење на случката што ја раскажуваат. А постои ли нешто понормално од тоа. Најдолго ги опишуваме првиот и последниот здив на животот, иако тие траат пократко и од именките што ги означуваат.