Почетна Вести

СДСМ: Милионски тендер за Окта, Тодоров во нова лага

Никола Тодоров е фатен во уште една лага. И во овој случај станува збор за трошење на милиони народни пари, рече на денешната прес конференција потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.

„Само пред три месеци, на 10 ноември 2013 година министерот за здравство еуфорично објави, почеток на греење на скопските клиники НА ГАС. Говореше за крај на една ера и гасификација на Клиничкиот центар.

Проект што ги чини граѓаните, како што рече министерот, околу 800-тини илјади евра.

Спротивно на овие изјави, согласно овој документ од Бирото за јавни набавки, Клинички центар склучил договор со ОКТА за набавка на мазут за цела 2014 година. Договор тежок 2 милиона 670 илјади 906 евра, за мазут за греење на клиниките!

Нема потреба веќе да нагласуваме она што е редовна пракса за министрите од редовите на ДПМНЕ. Бројот на добиени понуди е една.

Сега, што е точно министре Никола Тодоров?

Дека Клинички се грее на гас?

Или дека Клиничкиот центар се грее со мазут?

Според Вашата изјава, Клиничкиот центар би требало да се грее на гас.

Да не зборуваме за најавите како со проектот за гасификација на Клиничкиот центар се елиминирал еден од најголемите загадувачи на центарот на Скопје.

СДСМ го повикува министерот Никола Тодоров да излезе во јавноста и да објасни за што станува збор. На таа јавност од чијшто буџет Тодоров се расфрла како да се негови, а не народни пари.

И уште ги доведува граѓаните во заблуда дека дишат почист воздух. Според изјавите на министерот, само Клиничкиот центар испушта 100 тони сулфур диоксид годишно.

Што презема Владата за спречување на ова загадување, кога и покрај лажно најавената гасификација, Клиничкиот центар се уште се грее на мазут?

Доколку Клинички центар сепак се грее на гас, тогаш зошто се набавува мазут за над два и пол милиони евра?

Колку неетички e лажењето на граѓаните министре Никола Тодоров? Малку или малку повеќе?“, рече Манчевски.