Почетна Струмица Њуз

„НОВУС“ организираше обука за европско делување на младите поддржана од општина Струмица

Здружението „НОВУС“ денеска организираше работилница на тема „Запознавање на Европската унија и работата и структурата на институциите на ЕУ“ во рамките на проектот „Запознај ја Европската унија – делувај европски“, кој што е поддржан со средства од буџетот на општина Струмица, наменети за финансирање на програмски активности на здруженија на граѓани.

„Целта на оваа работилница е да се запознаат граѓаните, посебно младата популација со начинот на функционирање на Европската унија, како работат нејзините институции, но и да промовираме европски вредности и принципи. Во рамките на овој проект ќе биде реализирана уште една работилница, конкретно за ЕРАЗМУС плус и за европските фондови, ќе организираме јавна дебата, а ќе биде распишан и јавен повик за објавување на трудови поврзани со ЕУ. Паралелно со овие работилници и активности ќе работиме и на  истражување преку кое сакаме да испитаме колку граѓаните се запознаени со Европската унија и нејзините институции и дали со влезот на Македонија во ЕУ, ќе се подобри животниот стандард на граѓаните и дали ќе има подобра иднина за младите, рече Ѓорги Тасев од здружението „НОВУС“.

Според Андреја Стојковски, претседател на Македонскиот центар за европско образование, кој беше предавач и обучувач на работилницата, оваа иницијатива на „НОВУС“ е за поздравување затоа што таа е поддршка на процесот на зачленување на Македонија во ЕУ.

„Процесот на пристапување во ЕУ не е пристапување на државата бидејќи тоа не може да застане тука, односно, пристапувањето не завршува со пристапувањето на државата, граѓаните се тие што пристапуваат во Унијата и од таму информирањето и едуцирањето на граѓаните за ЕУ, за начинот на кој што функционира и ги креира своите политики, е особено важен. Ова е работа која државата треба самата да ја направи и секоја иницијатива која постои, особено ваква иницијатива која што ја презема граѓанското општество е за поздравување, затоа што е поддршка на тој процес. Денеска имаме триесетина млади луѓе од Струмица кои верувам ќе го почнат својот работен век во ЕУ“, рече Стојковски.

[juicebox gallery_id=”379″]