Почетна Инфоград

Институтот за комуникациски студии доделува стипендии за членовите на НОВУС

Здружението НОВУС врз основа на потпишаниот меморандум за соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС) од Скопје овозможува членовите да добијат стипендии за магистерски студии, специјализирани курсеви и за други образовни програми кои што ги нуди Институтот, а со цел унапредување на образованието и професионалниот развој на младите луѓе, се вели во соопштението од НОВУС.

„Во рамки на соработката, за нашите членови и активисти Институтот за комуникациски студии овозможува стипендии за магистерските студии по Менаџирање на стратегиски комуникации за академската 2015/2016 година. Износот на стипендијата изнесува 400 евра за двегодишни студии, односно 200 евра за едногодишните студии.

Магистерските студии овозможуваат да се стекнат комуникациски, претприемнички и лидерски способности и преку апликативни проекти да се изгради цврста мрежа со реномирани професори, истражувачи и професионалци. Студиската програма обезбедува знаења за управување со стратегиски комуникации, интегриран маркетинг и нови медиуми и за развивање на деловни стратегии и јавна дипломатија.

За постдипломците кои живеат надвор од Скопје, ИКС овозможува интерактивни и флексибилни можности за учење, користејќи широка палета на онлајн ресурси и учејќи во виртуелна училница.

Со стипендијата, школарината ќе изнесува 800 евра годишно и 500 евра за магистерската работа. Школарината се плаќа на 6 рати. При запишувањето на годината се плаќа 200 евра, а остатокот на 6 рати по 100 евра. Магистерската работа се плаќа кога се поднесува.

Со завршувањето на магистерските студии, се добиваат 120 односно 60 ЕКТС и се стекнува диплома за магистер по менаџирање на стратегиски комуникации.

Повеќе информации за магистерските студии на www.iks.edu.mk, info@iks.edu.mk или 02/30 90 004“, стои во соопштението.