Почетна Струмица Њуз

Парталов: Дали владата може кога сака и во било кое време да ја доведе во прашање надлежноста на општината која и е доделена согласно закон?

Секретарот на општина Струмица, Кирил Парталов, денеска, одржа прес конференција на која ја информираше јавноста за намалените блок дотации за детска заштита на општина Струмица од Министерството за финансии.

Ви го пренесуваме интегралниот текст и видеото од прес конференцијата:

Денеска сакаме да ја информираме јавноста во врска со информацијата која е доставена до општина Струмица од страна на министерот за финансии, за видот и висината на дотациите што се трансферираат од Буџетот на РМ на сметка на општината.

Имено, ако блок дотациите за социјална, односно, детска заштита претставуваат згрижување и воспитание на децата во општинските установи за деца, тргнувајќи од официјалното известување за висината на наменската и блок дотација, грижата на најмалите во општина Струмица се доведува во прашање.

Во прашање се над 1.000 деца запишани за престој во ЈОУДГ „Детска радост“ како и статусот на 92 вработени.

Со години наназад општина Струмица постојано се судира со истиот проблем. Со години наназад општина Струмица реагира и бара, меѓутоа, владата и нејзините министерства остануваат глуви на тие реакции и барања. За информација на јавноста, последното писмено барање за зголемување на намалената блок дотација до Министерството за труд и социјална политика, беше на крајот на ноември во 2014 – за истото не добивме повратен одговор.

Ако во 2013 г. блок дотацијата изнесуваше 33.785.823 денари, во 2014 г. беше 33.588.000, 33.620.000 за 2015 г. со тоа што сега, со ребалансот истата се крати за 750.000 денари без да се има предвид зголемениот број на деца и бројот на потребниот персонал, а најмалку да се има во предвид дека за планираното намалување треба да се информира општината чија надлежност и ја има делегирано владата.

Намалувањето на веќе утврдените и планирани блок дотации, без законска основа, дополнително ги усложнуваат одговорите на прашањата:

-Дали владата може кога сака и во било кое време да ја доведе во прашање надлежноста на општината која и е доделена согласно закон?

-По кој критериум и по чиј предлог е извршено намалувањето на износот од блок    дотациите за згрижување и воспитание на децата од општина Струмица? Ако уште на стартот од ова година, со минималното покачување на платите во јавната администрација, наместо законските 867.148 ден. Општина Струмица доби само 32.000 ден. и овој пат со кусок од 750.000 ден., децата од општина Струмица се скратени за точно 1.585.148 ден. Тоа ли е лицето на вистинската политика на владата околу грижата за најмладите или пак владата не ги исполнува своите законски обврски?

-Дали владата на РМ покажува крајна негрижа кон децата, а од друга страна ја гледаме како троши милиони на споменици и разни тркала?