Почетна Инфоград

Состојбата со водоснабдувањето во Струмица е стабилна

Иако втората половина од јули ја карактеризираат температури кои ја достигнуваат бројката и до четириесет степени целзиусови, состојбата со водоснабдувањето во Струмица, и во услови на зголемена потрошувачка е стабилна. Од ЈПКД „Комуналец“ истакнуваат дека за разлика од некои други градови и региони во државата, во кои граѓаните мака мачат со задоволување на своите потреби од чиста вода за пиење, состојбата во Струмица е сосема поинаква.

„Ги известуваме граѓаните дека и покрај зголемената потрошувачка на вода која што ја бележиме во овој период, поради високите температури, ситуацијата со водоснабдувањето е стабилна. Имено, во моментот ја бележиме максималната потрошувачка на вода, во однос на изминатиот период, која што изнесува зголемување од околу 100 метри кубни вода на час. Во моментот потрошувачката  изнесува некаде околу 500 метри кубни вода на час. И покрај тоа зголемување, ние немаме проблем да ја испорачаме потребната количина вода до потрошувачите и поради тоа не планираме воведување на рестрикции во наредниот период. Сепак, за да не дојде до неконтролирано зголемување на потрошувачката, апелираме до граѓаните рационално да ја користат водата, барем во периодот на вака високи температури“, рече Тошев.