Почетна Инфоград

Завршен еден од двата елабората од повторната обработка на податоци од проценката на штетите од поплавите

Општинската комисија за проценка и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи при Општина Струмица, за краток временски период ги заврши половината од неопходните активности од повторната обработка на податоци од проценката на штетите од јануарските поплави.

Според претседателот на комисијата Ацо Горгиев, веќе е завршен првиот од двата елабората од таа обработка и истиот е испратен до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а веќе интензивно се работи и на вториот елаборат.

Инаку, општинската комисија уште на почетокот на месецов ја информираше јавноста дека комплетно и во законски утврдениот рок ја завршила проценката на штетите од поплавите, за што добиле потврда од Државната комисија за проценки на штети. Меѓутоа од ресорното министерство дадени се нови насоки за повторна обработка на поднесените барања за проценка на штета, по кои комисијата постапува.