Почетна Вести

Заев: Преговорите пропаднаа, продолжуваме да дејствуваме до конечен пад на режимот (Видео)

Направив се, како претседател на СДСМ, направивме се, како Социјалдемократски сојуз, како опозиција, како граѓани, заедно, низ дијалог, на цивилизиран начин да се дојде до решение за длабоката политичка криза во земјава, рече на денешната прес конференција претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

„Разговаравме со Груевски и покрај судски процеси против мене, и покрај тоа што невини луѓе лежат во притвор, и покрај сите зла што ги направил на граѓаните во Македонија, и покрај тоа што знаеме со кого си имаме работа.

Седевме на заедничка маса бидејќи пред нас ги имавме судбината на Република Македонија и интересите на граѓаните на Македонија. Дадовме шанса на преговарачкиот процес. Груевски сака да го одолговлекува процесот, со што им нанесува штета и на граѓаните и на Република Македонија.

Од тие причини, на јавноста и соопштувам:

Преговорите се неуспешни. Никола Груевски во континуитет го минира договорот постигнат на 2-ри јуни.

Во преговорите Никола Груевски одби да прифати споделени гаранции помеѓу власта и опозицијата за враќање на демократските институции, за враќање на корективите во општеството, за нормализација на државата, за обезбедување услови за регуларни, фер и демократски избори.

Бидејќи не е постигната согласност за елементарните демократски вредности што можат да обезбедат реализација на слободната волја на граѓаните, преговорите се неуспешни.

Ставот што го застапуваме е принципиелна позиција не само на СДСМ, туку на демократската јавност во земјава. Не се можни фер и демократски избори во Република Македонија, со Влада предводена од Никола Груевски.

Груевски потврди дека не е во состојба да направи ништо корисно за Македонија. Него единствено личните интереси го водат при донесувањето на одлуките.

Овие преговори беа шанса за Никола Груевски достоинствено да си замине  од премиерската позиција што ја има узурпирано.

Почитувани граѓани,

Нема да дозволиме Груевски да ја тероризира Македонија.

Ќе продолжиме интензивно да дејствуваме, користејќи ги сите средства што ни стојат на располагање, до конечен пад на овој режим.

Проектот Вистината за Македонија ќе продолжи.

Ќе ги вратиме, мора да ги вратиме слободата и демократијата во Македонија што ги заслужуваат сите нејзини граѓани, без разлика на националната, верската, религиозната или политичката ориентација.

Одговорност мора да има.

Ова зло не смее никогаш повеќе да се повтори“, порача Заев.