Почетна Струмица Њуз

Истражување на НОВУС: Општина Струмица е транспарентна и отчетна општина

Истражувањето што го спроведуваше здружението „НОВУС“покажа дека општина Струмица е отчетна и транспарентна општина, стои во соопштението од здружението.

„Испитувањето се вршеше на претходно утврден репрезентативен примерок за популацијата на општина Струмица кој изнесува 253 испитаници во сооднос 60% град и 40% рурални области. Воедно, беше запазена и родовата еднаквост која изнесуваше 50% машки и 50% женски испитаници. Дистрибуцијата на анкетните прашалници беше електронска (е-анкета) изработена преку google forms платформата и лична дистрибуција на рака, во тврда копија. Анкетирањето на граѓаните траеше од 8 мај  до 15 јуни 2015 година.

На прашањето „Дали сметате дека општина Струмица е отчетна и транспарентна општина?“, речиси половина од испитаниците (49%) сметаат дека општина Струмица е отчетна и транспарентна општина, 27% сметаат дека е делумно транспарентна и отчетна, а 14% сметаат дека не е отчетна и транспарентна. Десет проценти од испитаниците немаат став по ова прашање.

Во однос на прашањето „Дали сметате дека граѓаните се информирани за работата на општина Струмица?“, високи 58% од испитаниците сметаат дека се информирани за работата на општина Струмица, 23% сметаат дека се делумно информирани, а само 10% од испитаниците сметаат дека граѓаните не се информирани за работата на општината. Девет проценти немаат став по ова прашање.

Покрај анкетата, беа направени и интервјуа со уредници на медиуми и сопственици на портали, како и со претставници од општинската администрација. Сите резултати од истражувањето ќе биде вметнати во студијата која ќе биде достапна на веб страната на здружението www.associationnovus.org, се наведува во соопштението.

Целата анкета може да ја видите овде.