Почетна Вести

Албанија стави вето на приемот на Македонија во НАТО

По Грција, и Албанија го користи правото на вето на барањето на Скопје за Македонија да стане членка на НАТО, објавија порталите Балканеу и Албеу, како и голем број албански сајтови.

Ова денеска го најавил премиерот Еди Рама во Тирана. Ова е првпат Рама да зборува за „одмазда“ на албанската влада против соседна Македонија, велејќи дека Албанија нема намера да го прифати пристапувањето на земјава во НАТО ако Охридскиот договор не е целосно исполнет.

За време на неговиот говор на регионалната министерска средба за борба против тероризмот, на која учествуваат министри за внатрешни работи на неколку европски влади, Рама се фокусирал на настаните во Куманово и зборувал за аспирациите на Македонија да стане членка на НАТО.

Тој се осврнал на настаните во Куманово и кога го најавил ветото на Албанија. „За жал, во Куманово, зборовите ‘тероризам’ и ‘Албанец’ беа сплотени во обид оваа етничка група да се именува како терористичка. Ова е неприфатливо не само за нас, туку и за македонската држава. Мора да ѝ биде јасно на оваа земја дека Албанците остануваат конститутивен државен играч во земјата. Нема поопасно нешто што може да ни се случи во борбата против тероризмот од вклучувањето на поимот терорист во справувањето со настаните. Мешањето на овие термини ќе биде неприфатливо за нас, исто како и теророт што го забележаа невините жители на Куманово… Македонија не може да стане членка на НАТО без гаранција на Охридскиот рамковен договор“, рекол Рама.

„Албанија ќе го поддржи влегувањето на Македонија во НАТО откако соседната земја целосно ќе го спроведе Охридскиот договор“, додал премиерот.

На овој начин, Албанија станува втора земја по Грција што става вето против Македонија во пристапувањето на НАТО.

Албанија е членка на НАТО од 2009 година и има право на вето, како и секој друг член на оваа најголема воена организација во светот.