Почетна Вести

Заев: Што се правеле Јанкулоска и Мијалков за со закон да се заштитат од незаконското прислушување

Сашо Мијалков и Никола Груевски со години незаконски прислушувале илјадници граѓани, рече на денешната прес конференција претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Заев рече дека УБК водела два вида на евиденции во Ексел.

„Водена е евиденција на следење и прислушување на лица според нивните телефонски броеви под псевдоними. Така, јас сум воден под псевдонимот „Зеко“, Бранко Црвенковски како „Крст“, медиумскиот полтрон на власта Драган Павловиќ-Латас е воден под псевдонимот „Талас“, Силвана Бонева како „Посил“, рече Заев.

Тој истакна дека во описот во табелите што ги правела УБК биле наведени адреси од сопственици и корисници на телефонски броеви, а дека аудио снимките биле симнувани во пишан материјал, односно во транскрипти.

„Доказите кои ги објавивме и поднесовме до Јавното обвинителство јасно покажуваат кој прислушувал. УБК ги следела комуникациите а опозицијата и критичката јавност, ги следела и анализирала телефонските разговори и на претставници од невладини организации, на верски заедници, академска јавност“, рече Заев.

На денешната прес конференција СДСМ презентираше 13 аудио снимки со разговори меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и директорот на УБК Сашо Мијалков, во врска со носење на законот за следење на комуникациите и бришење на членот за ненајавено вршење на надзор од страна на Собраниската комисија на работењето на УБК. Според СДСМ, власта правела се за да се заштити од незаконското прислушување на граѓаните.

„Денес ќе слушнете што се правеле Јанкулоска и Мијалков за со закон да се заштитат од оваа незаконска операција на прислушување на разговорите на илјадници граѓани. Сето ова докажува дека немало странски служби и жолти комбиња, ниту пак Заев или Верушевски можеле да влезат во системот на државата. Ова е возможно да го прават само институциите. Сега е јасно зошто Собраниската комисија за надзор на УБК не можела да си ја врши работата. Ова е скандал кој што ја надминува и аферата Вотергејт“, рече Заев.

Заев повтори дека СДСМ ќе ги објави разговорите со случајот за убиството на петмината граѓани кај Смилсковско езеро и со загинувањето на Никола Младенов, со што како рече, се ќе излезе на виделина и ќе се сфати кој вршел незаконски работи и прислушување во државата.