Почетна Вести

Заев: Вулгарна злосторничка коалиција на Груевски со МРТ и приватните медиуми

Денеска ќе ја слушнете директната спрега што Никола Груевски ја поставил со приватните медиуми и јавниот сервис, и директната контрола врз сопствениците и уредниците на телевизиите Канал 5 и Сител, рече на денешната прес конференција лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев.

Заев на почеток од негово и од име на СДСМ упати остра критики кон, како што рече, морбидниот, гнасен и кукавички чин на закана кон новинарот Борјан Јовановски“.

„Од страв дека се фатени во злоделата, оваа тесна власт повторно ги користи методите што ги знае – меѓуетнички конфликти и удирање по новинарите. Нарачателите и сторителите на овој гнасен чин кон Борјан Јовановски и неговото семејство мора да бидат откриени. Во спротивно, молчењето ќе го сметаме како соучесништво“, рече Заев.

Според Заев, премиерот Никола Груевски воспоставил вулгарна злосторничка коалиција со јавниот сервис и одредени приватни медиуми.

„Зошто на МРТ не слушнавме за гнасниот чин кон Борјан Јовановски. Аудио доказите што ќе ги објавиме денеска ќе покажат зошто јавниот сервис пренесува информации кои немаат врска со реалноста. Ќе слушнете како се избирале новинари кои сервилно му служат на Груевски. Кај Јанкулоска постои список за кадри во МРТ по наредба на Груевски, а предлозите доаѓале од општинските штабови на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Заев.

На денешната прес конференција СДСМ презентираше и аудио материјали кои, како што тврдат, покажувале како сопствениците на Канал 5 и Сител преку своите уредници Лидија Богатинова и Драган Павловиќ-Латас ги спроведувале наредбите на премиерот Груевски.

„Денешните докази ја покажуваат вулгарната злосторничка коалиција на Груевски со јавниот сервис и приватните медиуми. Да не дозволиме ова зло да продолжи. Бараме од јавниот сервис идната седмица да обезбеди термин за опозицијата и доказите кои ги објавува, да одредат термин, а јас ќе прифатам тогаш кога тие ќе кажат.

Венец ќе има, но венец за слободата и демократијата на Република Македонија, а тој венец ќе го добијат Никола Груевски и неговите соработници на кои им е дојден крајот“, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев.