Почетна Вести

Каде си Студентски пленуме?

Walk on, walk on

With hope in your heart

And you’ll never walk alone

You’ll never walk alone

(Химна на навивачите на Ливерпул)

Кога ви беше најтешко бевме со вас. Кога чекоревте по булеварите и смрзнувавте по амфитеатрите, не бевте сами. Не бевте сами ни кога пропагандните комесари ве заокружуваа со црвени фломастери и ве прозиваа поединечно, а партиските контрапленумци ви се потсмеваа. Со вас беа и средношколците, учителите, пензионерите, стечајците, новинарите и… сите слободоумни граѓани. Формиравме и професорски пленум, кој беше замислен како ваша логистика. И кој требаше да го одработи периодот од вашиот јануарски распуст, односно да врши притисок врз власта и да дебатира, аргументира и да се бори за универзитетската слобода. Сите ние што бевме дел од таа сериозна игра која беше многу повеќе од игра, верувавме во вас.

Вашата света идеја за автономија на универзитетот, сите ние ја доживеавме како нешто посебно, ново и свежо во нашата сиромашна демократска субкултура. И кога ги окупиравте факултетите, бевме со вас. И физички и логистички. Од вашата идеја за пленумско организирање се инспирираа и универзитетските професори, и средношколците, и нивните наставници, и новинарите, па дури и оние безбројни храбри и мислечки луѓе, кои се нарекуваат граѓани со големо „Г“.

Баравте укинување на идиотскиот “државен испит“, се боревте за нов закон за високо образование, ѝ го покажавте средниот прст на Владата, мобилизиравте илјадници луѓе во државата, се разлеавте по улиците и со вашите насмевки и пароли ги освоивте нашите срца. Со вашите настапи и храброст го размрдавте засмрдениот партиски жабурник и ни ги подотворивте вратите кон вербата во демократијата. Ни ја вративте надежта во слободата, правдата и еднаквоста. Многумина од нас, разочарани и депримимирани од демократурата на Груевски и неговата криминална банда, се разбудивме од летаргијата. Во вашите пламени говори и радикални барања видовме нова светлина. Еј, студентите громогласно маршираат, си велевме. А тоа не беше шега во нашето сиво секојдневие окупирано од владината пропаганда.

Ве пренесоа сите светски медиуми, ве поддржаа вашите колеги од многу држави од Регионот и пошироко, а пред сé, зад вас застанаа вашите професори, родители, пријатели, идни колеги и сограѓани. Без оглед на религијата, полот, возраста и етничката припадност.

Бевте единствени и решителни. Ја пониживте Владата, им влепивте жестока шлаканица на болно суетниот премиер и неговиот полтрон – министерот за образование и покажавте и докажавте дека слободната демократска волја на граѓаните е неприкосновена. За прв пат во својот диктаторски мандат, Груевски беше принуден да го признае поразот и да ја проголта сета своја суета покажана преку претходните ароганции и манипулации. Понизно ги прифати сите ваши услови, па дури и главниот – нов Закон за високо образование. Формиравте сопствено гласило од кое гледаме дека сте влезени во процедуралните лавиринти и преку работни групи мошне успешно ја туркате работата, која, меѓу другото, го опфаќа и студентскиот стандард. Тоа е в ред и е за поздравување.

Но! Тука има едно големо „НО“, Студентски пленуме.

Дали тука заврши вашата мисија?

Дали вие бевте само една интересна групација која се бореше за своите цели?

Дали битката на средношколците и нивните наставници, кои, исто како вас, бараат подобро образование, не е и ваша битка?

Дали притисокот и манипулациите на кои се изложени вашите идни колеги и нивните учители, ве остава рамнодушни?

Дали не ве засега тоа што се случува во вашата држава?

Дали секојдневните демонстрации и перформанси пред партиската телевизија МРТВ, за која вашите родители задолжително плаќаат месечен надомест, не ви се предизвик?

Дали закажаните протести за одбрана на ГТЦ од барокната „стиропор“ наезда на груевизмот, не ве мотивираат?

Дали монструозните злоупотреби на власта изнесени преку „бомбите“ на опозицијата, не допираат до вас?

Дали вие бевте оние кои се бореа за слобода, правда и демократија?

Дали универзитетската слобода завршува на универзитетот?

Дали е можен слободен универзитет во окупирана држава?

Има уште многу прашања кои нема да ги поставам затоа што вие секогаш за мене бевте и останавте „моите најмили“. Не ве обвинувам за ништо, или не дај боже, нешто да барам од вас. Сепак, оставам на вас, на вашата слободоумна свест и совест да одлучите што и како понатаму во овие волнени времиња кога се уриваат митовите за чесност и безгрешост и кога се најавува нова револуција. Кога пред наши очи дефилираат лица без лик, без чест, без гордост, без човечност…

Токму затоа мои студенти од Студентскиот пленум, сакам да ве потсетам дека кога ви беше најтешко, НИЕ бевме со вас. Не бевте сами.

Фејсбук статус на Гордана Попсимонова, универзитетски професор