Почетна Вести

Бомба #17: Изборен упад во Прилеп

Претседателот на Општинската организација на СДСМ Прилеп, Сашо Велески, на денешната прес конференција презентираше аудио снимки од разговори меѓу министри од Владата и прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.

Според Велески, разговорите покажувале каков изборен упад бил направен од страна на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп.

„Ќе слушнете нови скандали за злоупотребата на власта, каков упад направиле во Прилеп ВМРО-ДПМНЕ, каков притисок на граѓаните и фирмите договарале министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот Марјан Ристески. Секоја фирма била на тапет, во моменти кога народот едвај преживува“, рече Сашо Велески.

На денешната прес конференција на СДСМ во Прилеп беа пуштени разговори меѓу министерот Јанакиески и градоначалникот Ристески, а во еден од разговорите, како што рече Велески, прилепскиот градоначалник се жали дека рејтингот на партијата е паднат.

„Не знам да правиме, нешто друго треба да правиме. Народот е „специјалка“, вели Ристески.

Во дел од разговорите објавени од СДСМ, Марјан Ристески се заканува дека со хилти ќе влегува локалите, а телевизиите наредниот ден за тоа ќе кажувале.

Денеска беа презентирани и разговори помеѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министерот за финансии Зоран Ставрески, во кои, како што велат од СДСМ, Ставрески се жали на односот на прилепскиот градоначалник , па му доаѓало да го затвори „Пиво Фест“.

Во еден од разговорите, според СДСМ, сопственикот на „Пелистерка“ на прилепскиот градоначалник му вели дека имал список на кафетерии кои не гласале за ВМРО-ДПМНЕ.

„Имам список на куртони против тебе што беа на изборите, сите да ги испозатворите, да му е**м племето“, вели сопственикот на „Пелистерка“.

Во еден од разговорите, според СДСМ, министерот Јанакиески вели дека фирмата на Хари Локвенец, противкандидат на Ристески на локалните избори во Прилеп, била казнета со 11.000 евра.