Почетна Вести

Заврши протестот на студентите – во 19 часот „погреб“ на образованието

Студенти, професори и граѓани денеска одржаа мирен протест пред Собранието на Република Македонија, каде со транспаренти на кои пишува „НЕ“ го искажаа несогласувањето со измените на Законот за високо образование.

На денешниот протест студентите поставија лента околу Собранието на која пишува „место на злосторството“.

Од Студентски пленум најавија дека ќе продолжат да се борат со сите вонинституционални методи доколку Собранието ги донесе измените на Законот.

„Авторитетите не смеат да бидат апсолутни, и затоа ќе бојкотираме, ќе блокираме и ќе окупираме! Овој протест денес е симболичен, знаеме дека институциите пред кои стоиме се трули“, порачаа претставниците на Студентски пленум.

Професорскиот пленум ги повика студентите и граѓаните да им се приклучат вечер во 19 часот пред Собранието, каде со свеќи во рака „ќе го погребат местото на злосторството“.

Денеска во Собранието на Република Македонија пред пратениците на пленарна седница се измените на Законот за високо образование, кој е во финална фаза.