Почетна Македонија

Тодоров ја објави тендерската документација за „Висарис“

Министерството за здравство на својата интернет страница ги објави документите од тендерот за набавка на медицинска опрема и апаратите, на кој победи фирмата „Висарис“, која сопственички е поврзана со мајката на Ивона Талевска, Лимба Талевска.

Претходно СДСМ обелодени официјален документ од Бирото за јавни набавки, кој покажува дека министерството на Никола Тодоров склучило договор со фирмата во која мнозински сопственик е мајката на Ивона Талевска, во вредност од 62 милиона 701 илјада 048 денари.

Министерот Тодоров во саботата рече дека склучениот договор со фирмата „Висарис“ ДООЕЛ е целосно во согласност со законот, но дека било малку неетично поради промените направени по склучувањето на договорот. Тој објасни дека министерството склучило рамковна спогодба со фирмата „Висарис ДООЕЛ“,  чиј управител е Марко Петровиќ од Србија, а по склучувањето на посебни договори со јавните здравствени установи дошло до промена на сопственоста на фирмата.

На изјавата на министерот Тодоров реагираа од СДСМ, од каде побараа министерот за здравството итно да ги објави сите документи поврзани со договорот со фирмата „Висарис“.

„Oвој милионски договор е со фирмата „Висарис МКД“, чиј доминантен сопственик е мајката на Ивона Талевска, Лимба Талевска, а лице за контакт на оваа фирма е самата ќерка, уредник-бизнисмен, Ивона Талевска. На конто на оваа фирма министерството за здравство префрла или ќе префрли милион евра! И тоа е клучно.

Признанието на Тодоров, дека имало промени во сопственоста на фирмата го отвора прашањето колку тендери во Министерството за здравство, и останатите државни институции се доделени на овој начин? Додели го тендерот па потоа ќе се покажат вистинските сопственици на фирмата.

Која е таа логика, прво да се добие милион евра на тендер а потоа да се поклони доминантата сопственост на фирмата и тоа баш на мајката на Ивона Талевска?“, прашаа од СДСМ.