Почетна Инфоград

За легендите на Струмин гроб

Струмин гроб е средновековен гроб, кој се наоѓа на околу 3 километри западно од градот Струмица, во близина на селото Баница. Гробот има мавзолеен изглед и се состои од деветслоен делкан бигор.

Висок е 230 самтиметри, широк 240 сантиметри и долг 400 сантиметри. За настанувањето на гробот постојат три легенди:

Според првата, гробницата спаѓала на Струма, сестрата на Крали Марко;

Според втората, гробницата припаѓала на Персеј, принц, роднина на Александар Македонски;

Според третата, гробницата припаѓала на Струма, ќерка на некој заповедник на Словените на Струмичката област.

Гробот што се наоѓа во непосредна близина на селото Баница и денеска сведочи за легендата за убавата Струма која го предала својот татко заради љубовта кон еден од војсководците кои сакале да го потчинат нејзиниот народ. Оваа легенда вели дека градот бил опсаден од силна византијска војска, но не успевале никогаш до тогаш да го освојат. Тогаш се случило предавство на Струма, која била вљубена во византиски војсководец и му ја открила тајната за неосвоивoто, Струмичко кале. Византијците ја освоиле тврдината, а таткото ја проколнал ќерка си: кога ќе умре, земјата девет пати да ја исфрла од гробот.

Деветте слоеви делкан бигор, легендата ги поврзува со деветте исфрлувања и погребувања на Струма. Но, дали една од овие легенди е точна или гробот си има своја посебна историја, не се знае.

Изградбата на овој гроб можно е да припаѓал и на турски поглавар од средновековниот период. Тоа го поткрепиле и археолошките истражувања извршени во 1983 година кога овде биле пронајдени остатоци од гробови од исламскиот период. Иако се уште не е докажано, можно е гробот да е на некојси верски водач или поглавар на исламската заедница.