Почетна Вести

Премиерот Заев повторно заедно на Божик со штитениците во Заводот во Банско

Премиерот Зоран Заев, ги посети штитениците во Заводот за заштита и рехабилитација во Банско. Традиционално на вториот ден од големиот верски празник Божик, продолжува тринаесетгодишно пријателство помеѓу претседателот на Владата, Заев и штитениците, деца и возрасни, згрижени во Заводот за заштита и рехабилитација во Банско, велат од Владата.

Средбата како што истакнаа поминала во празнична атмосфера, низ опуштен другарски разговор, со оглед дека зад ова пријателство се наоѓаат поминати заеднички единаесет новогодишни ноќи и ланскиот Божик.

Штитениците од Заводот му се заблагодарија на премиерот Заев за неговата истрајна верба и заложбите да им помага, додека беше градоначалник на општина Струмица, што продолжува и денес, кога тој е претседател на Владата на Република Македонија.

На Божикната средба се споделени размислувања како ќе се подобрат условите за живот на штитениците во Заводот во Банско и за поефикасно остварување на нивните социјални права.

Премиерот Заев им соопшти дека на ова веќе се работи во Министерството за труд и социјална политика, а во насока на нивна подобра заштита, нега и грижа, дека се разгледуваат можностите за зголемување на бројот на болничари и хигиеничари во Заводот.

Она што е нагласено од страна на штитениците во Заводот во Банско, на средбата со премиерот Заев е значењето на примерот што го дава премиерот Заев во општеството, низ искреното пријателство со нив, а кој што испраќа порака на еднаквост на сите граѓани во Република Македонија.

Определбата на Владата да обезбеди еднакви можности за сите граѓани во државата носи заедничка среќна иднина на сите во Република Македонија, е заклучено  на денешната празнична средба на премиерот Зоран Заев со штитениците во Заводот за заштита и рехабилитација во Банско.