Почетна Струмица Њуз

Се одржаа завршни настани од Проектот „Јакнење на меѓуетничката соработка во општините“ во училиштата „Маршал Тито“ „Сандо Масев“ и „Даме Груев“

Учениците од трето одделение во општинското основно училиште „Маршал Тито“ од Струмица, преку едукативен новогодишен квиз и забавно-рекреативна програма, реализираа заедничка активност, како завршен настан за крајот на првото полугодие. Оваа активност во корелација од повеќе наставни предмети и во координација на повеќе наставници е реализирана како дел од активностите од Проектот „Јакнење на меѓуетничката соработка во општините“, финансиран од Детската Фондација Песталоци. Преку компјутерска апликација, учениците одговараа на повеќе прашања, поставени тројазично, на македонски, турски и англиски јазик. Победници беа сите, со меѓусебно дружење и игра и песна, учениците на присутните родители и гости им посакаа среќни новогодишни и божиќни празници.

Со финансиска поддршка на општина Струмица, заедничка активност од овој проект реализираа и учениците од ООУ „Сандо Масев“  и ООУ „Маршал Тито“ од Струмица  насловена „Меѓуетничко другарство“ во која учениците се запознаа со нови другарчиња од друга националност и го продлабочуваа другарството преку игра, изработка на одделенска заедничка книга, изработки на работни листови поврзани со темата и фотографии од заедничките посети.

Во рамките на Проектот „Јакнење на меѓуетничката соработка во општините“ завршен настан за првото полугодие беше реализиран и во основното општинско училиште „Даме Груев“ од Куклиш.