Почетна Вести

Автомобилот што падна во Вардар е на Весна Петрушевска

Возилото кое попладнево заврши во Вардар, а го пријави случаен граѓанин е во сопственост на актерката Весна Петрушевска. Екипите на Министерството за внатрешни работи и Противпожарната заштита попладнево успејаа од водите на Вардар да го извлечат автомобилот „нисан“ кој во реката стоеше заглавен во непосредна близина на Камениот мост.

Во изјава за медиумите Петрушевска вели дека не знае како се нашло нејзиното возило во Вардар бидејќи таа  ја паркирала колата под мостот, бидејќи немало место на паркингот. Таа се сомнева во обид за кражба.

Пожарникарите кои учествуваа во вадењето на возилото од Вардар за „Макфакс“ велат дека акцијата траела околу еден час, бидејќи поради ладните и брзи води било отежнато проближувањето до возилото и негово извлекување од реката. Тие велат дека во моментот кога возилото било извадено надвор, сè уште му биле вклучени светлата и му работеле брисачите. Во возилото немало никој, но очевидци раскажувале дека забележале девојка која успеала да излезе и да се спаси, пред возилото да падне во реката.