Почетна Животинки

„Animal Lovers“: Расфрлањето отров – хронична болест на струмичкото општество

Здружението за заштита на животните „Animal Lovers“ преку соопштение до јавноста остро го осудува расфрлањето отров низ улиците на Струмица.

Соопштението ви го пренесуваме интегрално:

„Изминативе неколку дена беа пеколни за бездомните животни во Македонија, вклучувајќи ги и оние во нашиот град. Дознавме за пет случаи на тровење на кучиња во Струмица. За жал, само едно успеа да се избори и преживее, стои во соопштението .

Јас како претседател на здружението за заштита на животни „Animal Lovers“ – Струмица сакам јавно да го осудам расфрлањето отров низ струмичките улици со цел намалување на бројот или целосно елиминирање на бездомните животни, но и секое друго насилно „решение“ на овој проблем. Да, бездомните животни во градов се многу, но тоа не му дава никому право да посегне по нивниот живот. Оставањето отров на јавни места не само што е дело казниво со закон, туку тоа е и крајно неетички, бесчувствителен и кукавички чин. Отруените животни умираат во ужасна агонија, не заслужувајќи ни трошка од болката која ја искусуваат пред да го земат последниот здив.

Наместо да размислуваме за начини на безмилосно убивање на овие кутри суштества (кои, впрочем, се овде поради нас и се наша одговорност), треба да се сплотиме и со заеднички сили да им помогнеме. Посвојувањето наместо купувањето миленици, стерилизирањето и кастрирањето, како и одговорното сопствеништво се клучните делчиња од оваа сложена сложувалка. Да, очајно ни е потребен стационар, меѓутоа сè додека постојат вдомувачи на кучиња и мачки кои ги напуштаат своите миленици кога ќе пораснат или ги размножуваат наместо да ги стерилизираат/кастрираат, ситуацијата нема да се подобри“.