Почетна Животинки

Кучешки живот (Посветено на Лаки)

Навистина сум веќе во топол дом и многу ми е убаво. Не беше така во изминатите месеци, но издржав. Беше тешко и мачно речиси секој ден, кога мојот сопственик одеднаш ќе одлучеше  да ме малтретира. Не знам зошто, не можев да сфатам зошто ме измачува, посакував некој да ми каже. Но, она што го знам е дека не го замислував „кучешкиот живот“ таков.

Посакував да излезам од силно затегнатиот  синџир околу мојот врат, но не можев. На моменти додека бев надвор, копнеев некој да ме повика или да ме „грабне“, зошто само така ќе ме ослободеше… Но, ништо…

Не сакам да ви опишувам што се доживеав од мојот лош сопственик. Кога веќе ми се случи најтешкото, кога ме врза за браникот од својот автомобил и ме влечеше, помислив да му се предадам на „кучешкиот живот“. Сепак, издржав. И јас не знам како. И, кога помислив дека на моето патење му нема крај, прочитав еден статус на социјалните мрежи, дека некој ќе оди до крај, се додека не ме ослободи. Не верував, бидејќи знам само за трауми и болки. Но, за многу кратко време видов на врата луѓе во унформа. Бев мирен, не реагирав. Помислив, „можеби денеска се дојдени за мене“. Во моментов сакав да си дадам тронка надеж. Си отидоа, си реков, ништо…Но, повторно се вратија, го собраа мојот сопственик, ме земаа  и мене. И, наместо да се плашам,  јас се радував! Длабоко внатре во мене верував дека ќе се случи нешто поинакво од досега поминатиот мој тежок живот.

По неколку минути бев сам на еден паркинг простор. Чекав, кога наеднаш дојдоа неколку луѓе и сакаа да ме погалат. Се стопив од среќа и истото им го покажав, но се уште бев несигурен. Стравот кај мене е поголем и ќе морам во иднина да го победам. После десеттина минути отидоа, повторно останав сам. Измешани мисли ми поминуваа низ глава. На моменти мислев дека ќе дојде повторно мојот сопственик и тогаш морници поминуваа низ моето тело.  А, на моменти помислував дека ќе се вратат луѓето кои ме галеа. Помина можеби еден час, кога одеднаш од вратата на зградата пред паркингот излегоа повторно истите луѓе со насмевка на лицето. Тогаш бев сигурен дека ќе ме погалат барем уште еднаш.  Сепак,  ми беше страв и кога ќе ја подадеа раката кон мене. И, иако бев уплашен, ми беше убаво и им покажував дека сакам уште.  Ме кренаа во раце и ме ставија во автомобил. И не престанаа да ме галат. И, повторно измешани чувства. Не можам да се чувствувам сигурен во автомобил, кога ќе се присетам на последното мое трчање и влечење. Застанавме некаде. Ме кренаа повторно во раце и ме внесоа кај луѓе кои ми дадоа кревет и храна и кои се грижеа за мене. Потоа си отидоа. Си реков, толку беше од мојата среќа.

Но, таму каде што ме оставија, ми беше далеку поубаво и се чувствував барем на момент безбеден. Ми се чинеше дека веќе долго време не сум со мојот лош сопственик, иако поминаа едвај два часа. Ме префрлија во поголема просторија каде бев во простор наменет само за мене. Јадев и имав време да се одморам од денот. Конечно одмор, конечно спокој.

Следното утро ги слушнав чекорите на луѓето кои ме спасија вчера. Си реков, зарем е можно да сакаат повторно да ме видат? Се отвори вратата и ги видов! Ќе си ја искинев опашката од радост! Ме галеа, ме галеа, а јас се препуштив на нивната љубов. Зарем е можно, се запрашав, да постои и таков „кучешки живот“?. Се што е убаво кратко трае, помислив. Барем така имам слушнато. Ги слушнав кога рекоа дека ќе си одат, но сигурен сум дека му кажаа на човекот кој беше со мене тој ден дека повторно ќе се вратат. И тогаш си помислив – посакувам убавото да не трае кратко! Си легнав повторно. Надвор врнежливо, јас во мојата кутија. Но, како да ми требаше и такво време и таков простор. Ми требаше вистински одмор, без измачување. Поминав една од најмирните ноќи од мојот живот.

Наредниот ден се израдував повторно! Дојде уште една од теките кои ме спасија, со својата ќеркичка. Се галевме, ми зборуваа дека сум прекрасен и дека ќе се погрижат да ме вдомат во топол дом, исполнет со љубов и среќа. Кога си отидоа, малку плачев. А, плачеше и ќеркичката на добрата тетка…

Наредниот ден се  раздени. Моите добри луѓе се уште ги немаше. Но, овој пат бев сигурен дека ќе се вратат, бидејќи ги слушнав вчера како го кажаа тоа. Околу осум часот, слушнав звук на возило надвор. Се уплашив на момент. Веќе во следниот момент бев премногу среќен кога ги почувствував моите тетки и чичко. Да, беа тоа луѓето кои ме сакаат! Се отвори вратата, влегоа со човекот кој ми даваше храна и вода. Се радувавме многу, најмногу! Ме испрскаа со спрејот по повредите на моето тело, но јас веќе не ги чувствував болките нанесени од поранешниот газда. Се топев од среќа и љубов! Ми ставија ремче околу вратот и повторно ме внесоа во автомобил. На секунда уплашен, си помислив, каде ли сега ќе ме носат? Но, со мене позади во автомобилот беше тетката која постојано ме галеше. Ми рече дека ќе ме носат кај некој добар чичко во друг град кој сака да се грижи за мене и дека ќе ми биде многу убаво. Тоа ме ослободи, бидејќи знаев веќе колку ме сакаат. Се препуштив на нив и уживав по патот со веќе добро познатиот чичко и двете тетки. Правевме и селфи, се снимавме и  фотографиравме.

Стигнавме во тој другиот град некаде после два часа. Ми рекоа, ајде Лаки, овде сега ќе имаш прекрасен живот, конечно ќе бидеш среќен и сакан. Не чекав два пати да ми речат, скокнав од автомобилот и излегов надвор.

Насетував мои другарчиња, но требаше да поминам преку улица. Се вкочанив. Повторно тој страв, посакував да ме сфатат дека не ми е лесно после се што поминав. Чичкото мој како да ми ги прочита мислите. Ме крена и поминавме и преку улица. Потоа видов парк, патеки и многу кучиња, мои другарчиња во еден простор. Бев премногу среќен! Но, кога влегов внатре, во исто време бев и среќен и уплашен, бидејќи сите се втрчаа кон мене. Сепак, си реков: „Не  плаши се Лаки, овде сите те сакаат“. Се опуштив, си играв, скокав, трчав… Ме креваа во раце, ме прегрнуваа, сите беа околу мене… Знаете, ми годеше тоа. Не знаев која е причината зошто се сите околу мене. Одеднаш, слушнав една госпоѓа како рече: „Ова ли Лаки, херојот наш од социјалните мрежи?“. Сфатив, чичкото кој напиша статус дека ќе ме ослободи, допрел до сите. Тогаш веќе знаев дека сум слободен!

По одредено време отидовме и во еден ресторан, каде се фотографиравме со мојот нов сопственик, една многу добра тетка (позната глумица и хумана личност) и нејзиното куче Алтан, мое другарче, со кој си игравме. Мојот нов сопственик Тони, ептен добар чичко, ме зема во раце и рече: „Лаки, ќе те направам среќен и секогаш ќе се грижам за тебе!“. Верувајте, се топев од среќа, а ги гледав и сите мои луѓе колку беа весели. И Алтан беше пресреќен!

Станавме од таму и повторно со автомобил отидовме до друго место. Сите излегоа кога стигнавме до мојот нов дом. Знаев дека овде ќе се разделиме со мојот чичко и двете тетки од Струмица, но сигурен сум дека нема да биде ова нашето последно видување. Знам дека ќе ме посетуваат и знам дека одам во рацете на добриот чичко Тони.

Патем, заборавив да ви кажам дека на неколку пати додека седевме во ресторанот говореа дека мојот нов сопственик ќе ме научи како да им помагам и јас на луѓето. Прекрасно!

Со моите луѓе од Струмица  безброј пати се прегрнавме кога се поздравувавме. Ја чувствував нивната љубов и нивните солзи, но со опашот им покажав да не се грижат за мене, зошто знам дека конечно ќе ми биде убаво.

И навистина се чувствувам прекрасно. Влегов во новиот дом. Седев и спиев во кревет! Топол!!! Овде имам еден другар од мојот вид, бато Блек. Веднаш топло ме поздрави. Ме сака и јас го сакам него. Убаво ми е!

Драги луѓе, сите што се грижевте за мене и ми помогнавте: Ве поздравувам и бескрајно ви БЛАГОДАРАМ. Се гледаме кога и да посакате.

Ве сакам,

Вашиот херој ЛАКИ!!!