Почетна Животинки

Лаки: Тажен почеток, среќен крај!

Лаки, кучето кое струмичкиот доктор го влечеше врзано за својот автомобил, вчера конечно си доби дом каков што заслужува. Вдомен е кај Тони Стојчевски, европски првак во дресирање кучиња кои помагаат на лица со посебни потреби.

Лаки не е згрижен од Тони за да биде дресиран. Тој ќе биде негов домашен миленик, ќе се грижи за него, ќе му помогне и ќе го рехабилитира за да ги надмине траумите низ кои помина во неговиот живот. Лаки е младо куче, на возраст од околу 7 месеци и покрај се, се уште има доверба во луѓето.

Тони Стојчевски по потекло е од Струмица, а од својата 15-та година живее и работи во Швајцарија, каде и започнува да обучува кучиња за помош на лица со посебни потреби. Од март годинава се враќа во Македонија за да ја продолжи својата хумана дејност во сопствената држава.

Снимката со Лаки, на која се гледаше како е влечен за браникот на возилото на струмичкиот доктор, предизивика ракции во јавноста. На 26 ноември СВР Струмица поднесе кривична пријава против него за делото мачење животни. Со налог на Основното јавно обвинителство од Струмица, Лаки беше одземен од него и беше предаден на граѓански активисти за права на животните.

Вчера Лаки беше однесен во Скопје кај Тони Стојчевски, каде беше потпишан и формулар за вдомување и конечно судбината му се насмевна на измачуваното кученце. Животот на Лаки започна тешко и тажно, но иднината кај Тони му носи среќни моменти, многу грижа и љубов каква што заслужува.