Почетна Шаренило

Моноспитовското блато заборавено – прошетка од блатото до Банско

Во струмичката котлина, под планината Беласица, се наоѓа Моноспитовското блато. Место во кое треба да се почувствува мирисот на папратот и трската, да се ужива во различните водени цветови и да се слушне звукот на барските птици. Последното мочуриште во Македонија некогаш се простирало на површина од пет илјади хектари и било дом на праисториски растенија и животни. Денес, наместо за многумина уникатен природен музеј во атарот на селото Моноспитово, нас не пресретна напуштено мочуриште со искршени даски кои наликуваат на некаков мост или патека.

Денеска не пречека оставено и заборавено место од сите. Не се обидовме да го посетиме во целиот свој простор, бидејќи не е безбедно и постои опасност да пропаднете во трските под таканаречениот мост или патека.

 

Инаку, Моноспитовското блато е прогласено за заштитено подрачје во категоријата споменик на природата. Освен со домашните закони, Блатото е заштитено и со меѓународни конвенции, кои се ратификувани од Македонија, како што се Рамсарската, Бернската и Бонската конвенција. За реализација на овој проект за ревитализација на блатото се потрошени 166.000 евра од европските фондови преку програмата за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија. Денес нашиот природен музеј не задржа неполни десетина минути.

Тргнавме кон локалитетот „Римска терма“ во Бања Банско, еден од ретките сочувани римски споменици од ваков вид во Европа. Но и таму сликата беше слична. По патеката додека да стигнете до Римската терма ве поздравуваат напуштени објекти и куп отпадоци.

Единствената убава слика е токму Римската терма, објект откриен во 1978 година, при копањето на темелите на хотелот „Цар Самуил“. На површина од 1000 м2 се откриени десет простории.

Малите ниски простории се наоѓаат на источната страна, а на западната страна се наоѓаат повисоките простории. Ѕидовите се зачувани во височина од 2 метра до 6,70 метри. Следната прошетка се надеваме дека ќе ни пружи поголеми задоволства.