Почетна Струмица Њуз

Даскаловски: Советникот Витанов ја погази волјата на граѓаните со преминувањето во ВМРО-ДПМНЕ

По информацијата дека ВМРО ДПМНЕ има мнозинство во Советот на општината, денеска претседателот на ОО СДСМ Струмица, Марјан Даскаловски, одржа прес конференција.

(интегрален текст)

Денешната прес конференција на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, е само уште една грда, но сосема вистинска слика за состојбата во која се наоѓа оваа партија. Небулозите кои беа презентирани на оваа прес конференција, само ја потврдуваат вистината која повеќе пати сме кажале, а таа вистина вели: „ВМРО ДПМНЕ, и се е можно“. Тврдењето дека неморалниот чин на еден поединец, претставува волја на граѓаните на општина Струмица, е во најмала рака манипулација без преседан. На последните три локални избори, вклучително и на последните,  СДСМ извојуваше убедливи победи, како во изборот на градоначалник, така и во изборот на советници. Ете тоа е вистинската волја на граѓаните на општина Струмица.

За победничката советничка листа на СДСМ на последните локални избори својот глас го дале 18.425 граѓани. Замислете, волјата на 18.425 граѓани е погазена од само еден граѓанин, кој е член на Советот на општина Струмица, човек кој не бил на некоја независна листа, туку на листата на коалиција предводена од СДСМ.  Ќе беше доблесно, советникот Методи Витанов, на  денешната прес конференција да проговори за причините на својот премин во губитничкиот табор. Тоа е должен да го стори пред сите граѓани на општина Струмица, а особено пред оние 18.425 граѓани кои го дале гласот за листата на СДСМ на која бил и тој. Се поставува прашањето, како тоа, по поминати безмалку 4 години во победничкото мнозинство, на прагот на новите локални избори, господинот Витанов одлучува да го погази сето тоа што го сторил во изминатиот период, заедно со советниците на СДСМ. Ова е срамен чин, за кој секој коментар би бил излишен. Го повикуваме господинот Витанов да ја преиспита својата одлука и да ја симне својата огромна дамка кој самиот си ја става, дамка која ќе го следи цел живот.

Но, едно е повеќе од сигурно, новонастаната ситуација е само предвесник за големиот пад на ВМРО ДПМНЕ на државно и локално ниво, и вовед во уште еден нивен убедлив пораз на претстојните локални избори.