Почетна УраКултура

Министерството за култура не даде ни денар за струмичкиот карневал

Организациониот одбор на струмичкиот карневал ја објави програмата за годиеншната манифестација која ќе стартува в среда 22 февруари со детскиот маскембал што ќе се одржи во Голден хол Космополит. Наредниот ден, в четврток ќе се одржи традиционалниот Концерт под маски на ОМУ „Боро Џони“.

Истиот ден ќе бидат објавени резултатите од конкурсот за најдобри остварувања на тема карневал во струмичката библиотека, а во 19.30 ќе биде отворена изложбата на фотографии од ланскиот карневал.

В петок, 24 февруари претпладнето ќе биде карневалското дружење со гостите од странство, а вечерта во хотелот Сириус ќе се одржи традиционалниот маскембал, на кој ќе бидат одбрани принцот и принцезата кои ќе ја предводат главната карневалска поворка в сабота на 25 февруари.

Во недела на 26 февруари ќе се одржи традиционалниот детски карневал.

Понеделник е Чист понеделник кога на градскиот плоштад „Гоце Делчев“ ќе биде послужен бел грав. Претпалендето ќе бидат објавени најдобрите маски, а вечерта ќе биде отворена изложбата на карикатури и афоризми, од учесници на 18-от Меѓународен фестивал на карикатура и афоризам.

Во вторник на 28 февруари ќе бидат доделени наградите од Интернационалната карневалски вечер и тримерската карневалска забава.

Карневалските прослави завршуваат в среда на 1 март со одбележување на Тримерските обичаи и со концерт на Ансамблот Тримери.

Но годинава нема пари од државатa за најмасовната манифестација на отворено во земјава, Струмичкиот карневал. Иако организаторите аплицирале на повикот, Министерство за култура одлучи да не додели ниту денар за манифестацијата.

За разлика од струмичкиот, сите останати карневали, но и одделни карневалски групи од Македонија добиле финансиска подршка од Министерството за култура, тврдат од градскиот комитет на ФЕКК (Федерација на европски карневалски градови).

Од Министерството за култура информираа дека струмичкиот карневал бил одбиен бидејќи немал потврда дека е прогласен или регистриран како културно нематеријално наследство од Управата за заштита.