Почетна Вести

Македонија го победи Тунис во првиот натпревар на СП во Франција

Го отворивме натпреварот со гол и поентиравме на крајот од натпреварот за првите два бода во првиот натпревар на СП во Франција, со конечен резултат 34:30. Црвено-жолтите момчиња тактички подобри од Тунис.

Миркуловски го отвори натпреварот по што следуваше игра гол за гол и капитенска игра на големиот Кирил Лазаров, кој имаше само едно промашување во првите 20 минути.

Во 25 минута Тунис дојде во водство од 12:11 и гол предност која ја задржа до полуврем за 14:13. Лино Червар го изненади противникот со играта со седум ракометари во напад, тактика која се покажува како добра.

Во второто полувреме започнавме лошо со што дозволивме противникот да се одлепи со четири голови. Но, македонските репрезентативци на овој прв натпревар покажаа нешто ново со што направивме комплетен пресврт и враќање во игра во последните 20 минути.

Миркуловски по натпреварот истакна дека во ниту еден момент не помислиле да се предадат, иако губевме со 24:20.  Дебитантот на оваа првенство голманот Благојче Трајковски, кој имаше две клучни одбрани вели дека мотивацијата и желбата и пред се одбраната биле клучни за на крај. Тој додаде дека верувале дека можат и на негатива од четири гола.

Капитенот првиот натпревар го одигра речиси без грешка капитенски до крај. Одлична игра и на Стоилов, Манасков како и на останатите играчи на репрезентацијата.

„ Денес ја почувствував нервозата на дебитантите им дадовме поддршка, и како ќе мине времето ќе бидат се подобри. Не сум задоволен од првите 40 минути и треба да видиме каде згрешивме, но најважно е што одиме понатаму“. Најважно сега е со Ангола да го добиеме натпреварот и да добиеме повеќе нови играчи на теренот, вели Лазаров.

Нашите репрезентативци истакнаа дека нема потценување кон следниот противник Ангола и дека на тој натпревар ќе се оди максимално кон втората победа.