Почетна Вести

ДИК денеска одлучува по приговорите на СДСМ и БЕСА

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на јавна седница со почеток во 11часот треба да ги разгледува и да одлучува по поднесените приговори на СДСМ и Беса за текот на гласањето и броењето на гласовите.

СДСМ и движењето Беса завчера поднесоа по осум приговори, а ДИК има рок од 48 часа, односно до вечер до 19 часот да се произнесе по забелешките на партиите.

Приговорите на Беса се однесуваат на општините Арачиново, Тетово, Гази Баба и Липково, а на СДСМ за избирачки места во шестата изборна единица.

Комисијата треба да одлучи по приговорите во рок од 48 часа по приемот. Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд по жалбата треба да одлучи во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

ДИК може со решение да го поништи гласањето на гласачко место во случаи регулирани со Изборниот законик.

Против вакво решение на ДИК, може да биде поднесена жалба 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да постапи по жалбата во рок од 72 часа по нејзиниот прием.

Повторното гласање на избирачкото место каде што е поништено, се одржува 14 дена од денот на првото гласање.