Почетна Струмица Њуз

Фудбалските легенди Васко Георгиев и Благој Митев на чело на ФК Беласица

Нов тренер на ФК Беласица во новата полусезона ќе биде некогашниот играч и голгетер на сино – белите Васко Георгиев, а негов помошник ќе биде еден од најдобрите фудбалери на сите времиња во Беласица, Благој Митев, кој ќе биде воедно и тренер во младинскиот погон.

По пет години работа со младите категории како координатор и тренер во фудбалските академии, Георгиев повторно се враќа како шеф на стручниот штаб на матичниот клуб ФК Беласица. Васко Георгиев својата 20 годишна фудбалска кариера ја започнува во 90-тите,  кога на 15 години заигрува во сениорскиот тим  на ФК Беласица во третата југословенска лига,  за да веќе на 16 години стане прв стрелец со 11 голови за една сезона. После неколку повреди со кои се здбива, се враќа на теренот како како трет стрелец во македонската лига на 18 години позади,Чириќ и Бошковски. Во својата фудбалска кариера ќе промени неколку клубови во Македонија и странство, најмногу во Грција и Кипар, но ќе остане запаматен како врвен голгетер и единствен кој има постигнато над 100 првенствени голови за фудбалскиот клуб Беласица.

Во следната полусезона тој на клупата ќе биде заедно со еден од најдобрите фудбалери на сите времиња Благој Митев. Тој покрај тоа што ќе биде помошник тренер на сениорскиот тим ќе биде и тренер во младинскиот погон.  Благој Митев своите фудбалски моменти во ФК Беласица ги почнува во далечната 1978 година заедно со уште неколку големи фудбалски имиња како Истатов, Дрвошанов, Секулов кои заедно настапуваат во втората југословенска лига.Претходно има настапувано во Прилепска Победа, а  во 80-тите ја води Беласица како тренер во третата југословенска лига. Од тогаш повторно се враќа  во 1997/98 година како тренер на сино-белите.  Митев ќе остане во сеќавање на струмичани како еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, за да денес повторно и се врати на струмичката гордост ФК Беласица, овој пат како помошник тренер на првиот тим и тренер во младинскиот погон.

Со враќање на овие тренери и големи фудбалски имиња ФК Беласица го враќа сјајот на клубот и местото каде што припага велат од клубот. Сино – белите или гордоста на Струмица се враќа на старите патеки и тоа со брзо темпо, вели за 24Струмица, првиот човек на клубот, Славчо Васков – Пинда.

„Мене ми е чест и ми претставува огромно задоволство кога веќе ги слушам моите сограѓани со каква позитивна енергија зборуваат за Беласица, клубот,  гордоста за сите струмичани. Тоа ме мотивира и ми дава за право се повеќе да вложувам во овој клуб и што побргу да стигнеме до местото каде што заслужува ФК Беласица. Јас можам да им ветам на Струмичани дека повторно ќе бидат горди на Беласица и многу брзо  повторно ќе имаме полни трибини. Кога ќе ме застанат повозрасните оние кои во душа ја носта Беласица, ми раскажуваат за тоа како било на стадионот кога Беласица се натпреварувала во најдобрата лига во поранешна Југославија. Велат, во недела беше празник во градот, патот водеше кон градскиот стадион Младост. Од оваа позицијаденес  можам само да им ветам на сите дека повторно ќе ја вратиме таа слика и сјајот на клубот“, вели Пинда.

Беласица може да се пофали со уште многу велат од клубот. За многу краток период успеавме да ги вратиме младинските школи од најмалите па се до младинците, потенцираат од клубот.

„Беласица во моментот брои околу 200 фудбалери кои се натпреваруваат во сите категории. Тоа ни дава за право да размислуваме во правец дека повторно од нашиот клуб ќе излезат врвни фудбалери со кои ќе бидеме горди, додаде претседателот на клубот Пинда.

Неодамна проширувајќи го тимот и стручниот штаб, ФК Беласица склучи договор и со нашата спортска ѕвезда Ване Стојанов како тренер за кондициска подготовка и маркетинг директор.