Почетна Струмица Њуз

Костадинив: ВМРО-ДПМНЕ ќе заврши на депонијата од историјата

Повторувањето е мајка на знаењето, рекле старите Римјани. Е токму во улога на добар повторувач е кандидатот за пратеник на ВМРО ДПМНЕ од нашиот град, поразениот кандидат за градоначалник и државјанин на Бугарија, ВАСИЛ ПИШЕВ, рече денеска кандидатот за пратеник од СДСМ, Коста Костадинов.

Тој потенцираше дека Пишев бил како една украсна птица која упорно ги повторува небулозите и нападите на неговиот обвинет шеф кон лидерот на СДСМ. Откако Груевски ќе истури куп лаги, клевети и инсинуации како што вели Костадинов, веќе наредниот ден полтронот Пишев ги повторувал на прес конференција, узурпирајќи го медиумскиот простор.

„Кога веќе толку сака да „полтронизира“ зошто не ги коментира масовните прислушувања на граѓаните, „бомбите“, провизиите, узурпациите, убиствата, нарачаните апсења и судски процеси, уништувањето и крадењето на Македонија од страна на неговиот шеф? Тогаш ќе биде комплетен во своите таканаречени прес конференции и ќе биде интересен за јавноста. Но, за среќа, времето на Пишев и ВМРО ДПМНЕ истекува. И членството им врти грб. Не помагаат ни партиските наредби, ни уцените кон ранливите категории на граѓани, ни заканите врз земјоделците, ниту вандализмот и уништувањето на јавни објекти во Струмичко. Присуството на партиските собири и средби е минимално, а некаде завршува и со едноцифрен број“, рече Костадинов.

Идниот кандидат за пратеник од СДСМ потенцираше дека Пишев на граѓаните им ветуваат  проекти кои што Општина Струмица веќе ги има реализирано, како што се, фекалната канализација во Добрејци, парковите во населените места, пречистителната станица. Костадинов на крај истакна дека криминалната власт ќе замине на буништето на историјата.

Прес конференција оддржа и Катерина Кузмановска. Таа истакна дека согласно порастот на платите и трошоците, пензиите ќе ги зголемат два пати годишно.

„Ќе воведеме можност за предвремено пензионирање до максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија, со пропорционално намалување на надоместокот за пензија. Нудиме и скратено работно време. Со 57 години – 6 часа дневно, цела плата до пензија и цела пензија. Со 60 години – 4 часа дневно, цела плата и цела пензија. Над 65 год, ако не исполнува услови за пензија: државната социјална пензија, на почетокот, ќе биде во висина од 40% од просечната старосна пензија. Ќе воведеме државна социјална пензија за секое лице над 65 години старост, кое во последните 20 години живеело на територијата на Република Македонија и не ги остварува условите за старосна пензија. Таквите лица ќе имаат право на државна пензија. Државната социјална пензија, на почетокот, ќе биде во висина од 40% од просечната старосна пензија“, рече Кузмановска.

Таа додаде дека ќе го изедначат правото на пензиско осигурување на земјоделецот со работникот.

„Со стаж од 15 години и со старост од 64 години, тој ќе може да биде корисник на пензија. Ќе овозможиме бенифициран работен стаж на земјоделците, за 12 месеци работа, да им се признае работен стаж од 13 месеци“, вели Кузмановска.