Почетна Струмица Њуз

Левица: 15.000 денари минимална плата и 12.000 денари загарантиран приход за секое семејство

Не може социјалните случаи да живеат со две илјади денари социјална помош. Секое семејство треба да добива минимален загарантиран приход по 12 илјади денари за четири лица за прехрана и хигиена, изјави денеска Митко Николов, носителот на кандидатската листа на Левица во четвртата изборна единица.

Тој денеска во Струмица ја претстави изборната програма и истакна дека неговата партија е на страната на обичниот човек, земјоделецот, работникот, корисниците на социјална помош и на сите обесправени во Македонија.

„Не може да се живее со 9 илјади месечно, а функционери со по 90 илјади денари. Предвидуваме 15 илјади денари минимална плата во сите области, затоа што не може вработените во кожарската и текстилната индустрија да земаат плата помала од 15.000“, вели Николов.

Николов потенцираше дека Левица е против зголемување на старосната граница за пензионирање, туку дека предвидуваат пензионирање врз основа на работен стаж – со 35 години работен стаж работникот да замине во пензија.