Почетна Струмица Њуз

Меѓународен турнир „БЕЛАСИЦА КУП“ овој викенд во Струмица

Над 200 дечиња од вкупно 17 екипи од земјава и странство ќе ги покажат своите фудбалски таленти овој викенд на општинскиот терен со вештачка трева. По втор пат ќе се одржи БЕЛАСИЦА КУП чиј домаќин е Фудбалскиот клуб Беласица. Учество ќе земат екипи од Косово, Србија, Бугарија и Македонија.

Во генерацијата 2004-2005 учествуваат Беласица, Лидер 2 од Лесковац (Србија), Вихрен од Сандански (Бугарија), Кул Пандев од Скопје и Шкендија од Тетово кои се во групата А, а во групата Б се екипите на Академија Пандев, Куррику од Приштина (Косово), Прилеп и Лидер 1 од Лесковац (Србија).

Во Генерацијата 2006-2007 на Беласица Куп ќе учествуваат домаќините, Мечетата од Петрич (Бугарија), Кул Пандев од Скопје и Јанк боис од Неготино. Овие екипи се во групата А, а во групата Б се тимовите на Академија Пандев, Шкендија од Тетово, Академија Постолов Пандев од Штип и Академија Нацев од Велес.

Претседателот на клубот, Славчо Васков Пинда, истакна дека е задоволен од тоа како течеа подготовките и од фактот дека турнирот ќе биде на многу високо ниво од организациски аспект.

Од клубот велат дека младите фудбалери на Беласица ќе се обидат да постигнат што подобар пласман на турнирот, на кој, како што истакнаа, ќе земаат учество многу квалитетни екипи. Од ФК Беласица додаваат дека веќе се е подготвено и воедно ги покануваат сите љубители да дојдат во сабота и недела да ги бодрат најмладите.

Од клубот потенцираат и дека ова е само дел од заложбата во целокупното вложување во младинскиот погон на еден од најреномираните клубови во државата, или како што струмичани знаат да кажат, гордоста на Струмица.