Почетна Шаренило

Да го решиме проблемот со луѓето, а потоа и со кучињата

Кога нема со што да се занимаваат луѓе кои немаат работа во текот на денот, најлесна работа е да се седи пред компјутер и само да се „ЛАЕ“. Па така деновиве сите ЛААТ по кучињата – „скитници“, а тие се најтивки. За среќа тие невини души кои ги чека уште една зима надвор под отворено небо  така не поздравуваат со лаење, за разлика од луѓето кои покрај тоа што ЛААТ на празно и касаат. Деновиве по социјалните мрежи се изначитав за кучиња – СКИТНИЦИ.

Лично не можам да поверувам во тоа што го читам. Па  ако се кучињата надвор, а притоа немат дом, тогаш каде би очекувале да  шетаат ако не надвор. И зошто меѓу лавината коментари од „познавачите“ на таа област или многуте експерти во градов, не се запраша никој, кој ги донел овие кучиња да шетаат и да бидат скитници и притоа да бидат опасни за нашите деца. Зошто  никој од експертите не кажа да  се поделат и направат неколку брошурки со совети што се е потребно пред да вдомиме миленик и како треба да се однесуваме со него. Зошто експерите не помогнат да се направат привремени живеалишта, ако не сме во состојба да изградиме стационар, бидејќи нели тоа е единственото решение за повеќето експерти.

Јас ви гарантирам на сите такаименувани експерти кои ЛАЕТЕ овде по нетот и знаете се за кучињата и дека единствено решение гледате во стационар, ви гарантирам дека ќе нема луѓе за да го работат тоа. Прво заради фактот, што е потребно многу љубов спрема овие миленици. А со вашите коментари по социјалните мрежи има многу повеќе омраза, а многу малку љубов. Вашите коментари се во насока како да се исчистат кучињата од улиците. Зошто мислите дека вие имате право слободно да се шетате а ови кучиња немаат. Наместо тоа,  зошто не отидете до соседната врата во која вашиот сосед земал миленик дома, а после извесно време го пуштил надвор бидејќи за него е потребно време, љубов и одредени обврски, па сега ви смета. Зошто сега не отидете дома да му го кажете нему тоа. Зошто не го застанете вашиот пријател кога го шета својот миленик во паркот и не го собере изметот, туку се врти настрана. Зошто не отидете и им кажете дека е потребно да му се извади книшка и да се едуцира преку својот ветеринар за одредени куп работи кои треба да ги знае. Ама вам експертиве за кучињата – скитници тоа не ви е битно. Вам ви е побитно да ЛАЕТЕ по кучињата, по општината и се така до неповрат. Затоа што така ви е полесно. Да седите дома и само да ЛАЕТЕ наместо прво да го решиме проблемот со нас луѓето, а потоа и со кучињата.

На крај за сите вие кои се грижите да не се случи нешто несакано кон дечињата, бидејќи такви коментари можат најмногу да се прочитат,  едуцирајте ги децата како треба да се однесуваат со животните, а потоа не се плашете, однесете го своето дете до некое куче кое ќе го сретнете, пристапете му нежно, кажете му на детето дека и тоа е душа мирна која сака љубов и враќа многу повеќе, наместо да го клоцате, удирате и бркате. Во таков случај не очекувајте тие кучиња да ве ЛААТ, тогаш и ќе ве каснат.