Почетна Струмица Њуз

Градоначалникот Заев до лицата со посебни потреби: Ќе го добиете местото кое го заслужувате во нашето општество

Како долгогодишни и верни пријатели, градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев и лицата со телесен инвалидитет од цела Македонија, синоќа поминаа уште една вечер за паметење. Градоначалникот уште еднаш ја потврда неговата континуирана  поддршка и пријателски однос кон лицата со посебни потреби, а тие му возвратија со срдечно добредојде и искрени прегратки на традиционалната манифестација  „Тортијада“ и на „Музичките средби“, кои што се одржаа во хотелот „Цар Самуил“ во Банско.

Откога стана Градоначалник, тој е редовен посетител на манифестацијата која што ја организира здружението „Мобилност“, а на која лицата со телесен инвалидитет ги презентираат своите слаткарски вештини и музички талент.

[juicebox gallery_id=”501″]

-Со огромно задоволство, повеќе од една деценија, присутен сум и на „Тотијадата“ и на „Музичките средби“ на лицата со телесен инвалидитет и секое мое присуство овде, било и ќе остане празник за окото, увото и душата. Така е и овој пат. Сиве овие години заедничко дружење, придонесоа да ве имам за пријатели, и се надевам, да ме имате за пријател. Дури и најнабиената агенда не можеше да ме спречи, денес повторно да бидам меѓу Вас, за што многу се радувам. Искрено се надевам дека и оваа 19-та по ред  „Тортијада“ и 22-те „Музички средби“ на лицата со телесен инвалидитет, ќе го оправдат својот „рејтинг“ стекнат во годините наназад, а сите учесници, без разлика од кој дел на Македонија доаѓаат, ќе докажат по кој знае кој пат, дека не се лица со посебни потреби, туку лица со посебни способности. Случајот сакаше, по неколку години, овие две манифестации повторно да се одржат во иста вечер. Музичките средби кои требаше да се одржат во рамките на „Струмица опен фест“ , поради августовските поплави кои се случија во скопско, а во кои згаснаа 23 човечки животи, беа одложени, а „Мобилност Македонија“ на дело ја покажа својата хуманост претворајќи ја сцената  во хуманитарен пункт, за што ги заслужува сите честитки. Во оваа октомвриска вечер во која заеднички ќе уживаме и во мајсторската креација на тортите и во изведувачките способности на пејачите, не можам а да не го искажам моето жалење поради неоддамнешните поплаки на лицата со посебни потреби, дека се заборавени од институциите на државата. Тоа е повеќе од загрижувачко. Ако некој при уши нема слух за Вашите поплаки, ако некој при очи не ги гледа Вашите проблеми, ако некој при уста, уста не отвора за Вашите потреби и барања, се прашувам, кој во ваков случај се соочува со хендикеп? Ова мора да се промени, затоа што Вие тоа го заслужувате, затоа што Уставот на Република Македонија  вели дека сите во оваа наша земја се еднакви. Тоа мора да биде така и никако поинаку. Нештата ќе се променат, а Вие ќе го добиете местото кое го заслужувате во нашето општество, рече градоначалникот Заев.