Почетна Животинки

По објавите против кучињата скитници со реакција и општина Струмица: Третманот се врши согласно законските прописи

Деновиве граѓани на Струмица преку социјалните мрежи водат хајка против бездомните кучиња во градот.Објавите најчесто се насочени кон љубителите на животни и здруженија за заштита на правата на животните, со апел да ги тргнат кучињата од улиците во централното градско подрачје. По ваквите коментари со соопштение се огласи и општина Струмица:

-По зачестените објави и коментари за кучињата скитници, општина Струмица, иако и досега тоа го правела, уште еднаш ги информира граѓаните дека кучињата скитници на територијата на Општината се третираат исто како што тоа се прави на територијата на целата држава.Како и при решавањето на другите проблеми на граѓаните, така и овој се решава согласно важечките законски прописи во Република Македонија, а во овој случај, согласно Законот за заштита и благосостојба на животните според кој кучињата скитници имаат хуман третман. Од август минатата година општина Струмица започна со хуманиот третман на кучињата скитници согласно важечкиот Закон во Република Македонија.

Според овој Закон, по заловувањето кучињата скитници се транспортираат до прифатилиштето и од секое се зема крв и се праќа на испитување за лајшмaниоза (паразитско заболување) во лабораторијата на факултетот во Скопје. Доколку кучето е позитивно на лајшманиоза, тоа се аутанизира со хуман третман, а доколку наодот е негативен, женските кучиња се оставаат на третман четири дена по стерилизацијата, а машките се оставаат два дена по кастрацијата. Истите кучиња потоа се вакцинираат против беснило, се врши дехелминтизација (чистење од паразити), се обележуваат со ушни маркички и се чипираат. Откако ќе се изврши сето тоа, кучињата се враќаат назад до местото на заловување и се пуштаат. Секое третирано куче има и пасош кој се наоѓа во одделението за инспекциски работи при општина Струмица. Ова е единствениот начин на кој се третираат кучињата скитници на целата територија на Република Македонија, пишува во соопштението од општина Струмица.

Голем дел од коментарите на граѓаните на социјалните мрежи изминативе денови се со содржина дека се плашат некое од кучињата да не ги нападне нив или нивните деца.

Но некои од нив содржат дури и повик за организирање за труење на кучињата кои биле присутни на струмичкиот плоштад.

„До сите мои пријатели што глумите љубители и заштитници на кучиња, ај да ве замолам некако да се организирате оти сте во поголем број. Решете го тој проблем навистина, оти по плоштадот не шетаат овци, се движат деца и возрасни… Или да земам јас да организирам и да ги истровиме некако? Претеравте со таквата заштита, повеќе се грижите за кучињата скитници отколку за децата“, напиша струмичанец на својот Фејсбук профил.

По реакциите на љубителите на животните, корисникот на Фејсбук ја избриша објавата на својот профил.

Во Струмица, како и во останатите градови во Македонија, често се случува труење на бездомни животни и домашни миленици, но досега надлежните институции остануваат глуви на пријавите од сопствениците и граѓаните. Ваквите пријави неретко наидуваат на потсмев кај вработените во СВР Струмица, а уште поретко постапуваат по нив за да го расчистат случајот и согласно на тоа да бидат казнети и виновниците.

Исто така, во земјоделските аптеки секој може да купи отров иако во Законот за производи за заштита на растенија пишува „Дозволен само за професионална употреба“. Самото вдишување на некој од овие отрови, како што е „Ланате“, може по пет минути да усмрти или да остави трајни последици по респираторниот систем на луѓето и на животните. Најчесто ваквите отрови се расфралаат по зелените површини, во училишни дворови, покрај згради и контејнери. А најзагрозени од расфрлањето на отровите се животните, децата и бездомните лица.

Кога животно ќе вдиши или ќе касне одредена храна со ваков отров, смртта проследена со голема агонија, настапува по само 15-тина минути.Почнува да се тетерави, да се тресе, срцето забразно му работи, му излегува пена од уста и за кратко време умира. Ветеринарите велат дека најчесто нема спас, затоа што и самото вдишување на „Ланате“ доведува до смрт и кај животните и кај луѓето.

Најголем опасност постои за децата, затоа што тие можат да дојдат во допир со расфрланиот отров или со излачените течности на животните кои умираат од него.