Почетна Струмица Њуз

Заев се сретна со амбасадорот на Словачка Мартин Безак

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Република Словачка во Република Македонија, Мартин Безак. На средбата што се одржа во кабинетот на градоначалникот Заев, се разгледуваа можностите за интензивирање на соработката помеѓу Македонија и Словачка, поттикнати од блискоста и заедничките карактеристики на народите на двете земји.

Заев го запозна гостинот со карактеристиките и потенцијалите на општина Струмица, потенцирајќи ја економската соработка на струмичките бизнисмени со своите колеги од Словачка преку извозот на земјоделски производи и нивни преработки. Меѓу потенцијалите, ја нагласи гасификацијата, бидејќи Струмица е единствениот гасифициран град во Македонија со виртуелен гасовод.

Амбасадорот Безак ја презентираше неговата идеја за конкретна соработка помеѓу општините на двете земји. Словачкиот амбасадор иницира токму Струмица да биде првата општина што ќе воспостави соработка со општина во Словачка слична по каратеристиките на градот. За амбасадорот Безак Струмица е значајна по културното богатство и природните убавини, но ја смета за предност и модернизацијата на општината според потребите на денешното време. Посебно беше потенцирано ефикасното сообраќајно решение во централното градско подрачје.

На денешната средба се разговараше и за актуелната политичка и економска состојба во Република Македонија, како и за претстојните претседателски избори. Амбасадорот Безак, нагласи дека Словачка и понатаму останува најискрен поддржувач на Македонија на патот кон европските интеграции, а градоначалникот и претседател на СДСМ, Зоран Заев и во оваа прилика потенцираше дека евроинтеграциите отсегогаш биле и се приоритет за Социјалдемократскиот сојуз.

[juicebox gallery_id=”67″]