Почетна Инфоград

Заев: Советот на општина Струмица утре ќе одржи вонредна седница за помош на настраданите во поплавите

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, упати апел до граѓаните за помош на семејствата на настраданите во синоќешните поплави, како и на населените места и граѓани кои се најзагрозени од невремето.

„Струмица денеска жали, како што жали и Скопје, како што жалат и сите градови и општини во Македонија. Сакам да го споделам моето сочувство до семејствата на настраданите, од мое и од име на сите граѓани на општина Струмица. Посакувам вакво нешто никогаш повеќе да не се повтори“, рече градоначалникот Заев на денешната прес конференција.

Тој информираше дека на негов предлог Советот на општина Струмица утре ќе одржи вонредна седница, на која би се донела одлука за собирање и испраќање помош до настраданите во скопскиот и тетовскиот регион.

„Апелирам до сите граѓани, во овие тешки мигови, да се воздржат од било какви препукувања по социјалните мрежи, јавно жигосување и барање виновници. Време за анализи ќе има.Сега е време да му се помогне на Скопје и скопјани, како и на населените места и нивните граѓани кои се најзагрозени од невремето. Сега е време за хуманост и солидарност кон семејствата на настраданите и кон сите други кои ги трпат последиците од невремето. За таа цел, на мој предлог, утре ќе се одржи итна седница на Советот на општина Струмица, на која би била донесена одлука за спроведување мерки и активности за собирање и испраќање помош до загрозените семејства и институции од Скопје и околината, како и од тетовскиот регион“, рече Заев.

Исто така, донесена е одлука да не се одржат денешните и утрешни содржини на „Струмица Опен Фестивал“. Наместо тоа, ќе биде спроведена донаторска акција за помош на настраданите во поплавите. Пунктот вечерва ќе биде поставен во Големиот градски парк во Струмица.

И од здружението „Културен забавен живот“, организатор на „Струмица Опен Фестивал“, изразија сочувство до семејствата на граѓаните кои ги изгубија своите животи во синоќешните поплави и упатија апел до струмичани да се вклучат во донаторската акција.